Активности



Среда, 11 септември 2013 година

Второ продолжение на надзорна расправа на тема: „Користење на фондовите од инструментот за пристапна помош-ИПА во Република Македонија“

Комисијата за европски прашања денеска, во рамките на 42. седница, го одржа второто продолжение на надзорната расправа на тема „Користење на фондовите од Инструментот за претпристапна помош-ИПА во Република Македонија“, на која покрај претседателот на Комисијата за европски прашања г. Хајрула Мисини, присуствуваа и членовите и замениците на комисијата и други пратеници, како и г. Мартин Клауке од Делегацијата на Европската унија во Република Македонија и претставници од Канцеларијата на НДИ во Скопје.

Со седницата претседаваше, претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Хајрула Мисини, кој даде кратко појаснување за целтта за одржување на оваа надзорна расправа, имајќи ја предвид потребата за поблиско информирање и запознавање на пратениците со користењето на фондовите од Инструментот за претпристапна помош ИПА, со посебен осврт на ефикасноста на досегашното искористувањето на средствата од  овие фондови, и тоа во однос на ИПА компонента I - Помош во период на  транзиција и градење на  институции.

На денешното второ продолжение на надзорната расправа на комисијата, во улога на сведоци, усни искази дадоа: министерката за внатрешни работи г-ѓа Гордана Јанкуловска,  министерот за информатичко општество и администрација во Република Македонија, г Иво Ивановски, директорот  на Царинската управа во Република Македонија, г. Ванчо Каргов, раководителката на НИПАК секретаријатот г-ѓа Орхидеја Каљошевска, потоа г. Димитар Мирчев од Европското движење на Македонија, г. Зоран Јанакиев од Македонскиот институт за интеграции и г-ѓа Фани Кранфиловска-Пановска од Фондацијата Отворено општество на Македонија - ФООМ.

Во текот на расправата  прашања  поставија   членовите  и замениците  на членовите на Комисијата за европски прашања, г.Хајрула Мисини, г-ѓа Силвана Бонева, г. Гордан Георгиев, г-ѓа Дешира Имери, г. Миле Пачемски, г-ѓа Цветанка Иванова, г. Сафет Бишевац, г. Ѓорѓи Коџабашиев,  како и пратеничката г-ѓа Тања Томиќ и г. Панче Орцев, на кои што  сведоците одговорија усмено, а на неодговорените прашања најавија писмени одговори.

Пратениците од присутните сведоци, меѓу другото, побараа повеќе одговори во однос на: степенот на искористеноста, односно неискористеноста  на  43. милиони евра доделени од Европската унија во однос на ИПА компонента I - помош во период на транзиција и градење на  институции, способноста на нашиот административен капацитет за нивно искористување, како и за слабостите кои се причина за нивно неискористување.

По исцрпувањето на листата на повикани учесници (сведоци), претседателот на комисијата, г. Мисини информира дека надзорната расправа ќе продолжи со ислушување на исказите на останатите учесници (сведоци) повикани од Комисијата за европски прашања, а кои  дополнително ќе бидат утврдени на координација со членовите на комисијата.

 

Click