Активности

Вторник, 29 октомври 2013 година

Одржано шестото продолжение на надзорната расправа

Комисијата за европски прашања денеска го одржа шестото продолжение на 42. седница, посветена на надзорната расправа на тема: „Користење на фондовите од инструментот за претпристапна помош-ИПА во Република Македонија“ за ИПА КОМПОНЕНТА V: Рурален развој.

На ова продолжение сведочеа шест сведоци, меѓу кои и министерот за животна средина и просторно планирање, г. Абдулаким Адеми, министерот и заменикот на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија, г. Љупчо Димовски и г. Зоран Коњановски.

Во врска со компонентата V, а која се однесува на руралниот развојот во Република Македонија, на прашањата на пратениците одговараа и раководителот на Телото за управување со ИПАРД програмата, г-ѓа Маргарита Делева, претседателот на мрежата за рурален развој на Република Македонија, г. Петар Ѓорѓиевски, како и од Федерацијата на фармери, г. Андрија Секуловски.

Во своите сведочења присутните гости информираа за искуствата при користењето на европските пари, при што информираа за измените во насока на подобрување и олеснување на процедурите за добивање на финансиски средства преку овој  инструмент, како што се воведувањето на ИПАРД Гилотината и модифицираните програми за користење на поголем број на проекти.

Пратениците Антонио Милошоски, Хајрула Мисини, Панче Орцев, Горан Сугаревски, Владанка Авировиќ, Ленче Николовска, Дешира Имери, Панче Дамески, Саво Марачков, Станка Анастасовска и Христина Рунчева поставија повеќе прашања, кои главно се однесуваа на можностите ИПАРД средствата да бидат подостапни за граѓаните, зошто е мала искористеноста на овие средства, каде се лоцираат слабостите за нивна поголема искористеност и друго.
Click