Активности



Понеделник, 7 октомври 2013 година

Одржано третото продолжение на 42. седница на Комисијата за европски прашања

Комисијата за европски прашања денеска го одржа третото продолжение на 42. седница, посветена на надзорната расправа на тема: „Користење на фондовите од инструментот за претпристапна помош-ИПА во Република Македонија“ за ИПА компонента II - Прекугранична соработка.

На  ова продожение прв сведочеше  министерот за правда,  г. Блерим Беџети, а сведочеа и  градоначалниците на:  Крива Паланка - г. Арсенчо Алексовски,  Струмица -  г. Зоран Заев, Гевгелија - г. Иван Франгов, Штип- г. Илчо Захариев, Кочани- г. Ратко Димитровски, како и претседателот на  Стопанската комора на Северозападна Македонија,  г. Мендерес Кучи.

Министерот Беџети, информира за искористеноста на ИПА компонента I, односно за искористените средства во однос на помошта во периодот на транзиција  и градење на институции во Министерството за правда.

Градоначалниците одговараа на поставените прашања, кои се однесуваа на  степенот на реализираните проекти, при што пратениците беа информирани за  изградба на  прочистителни станици, училишта, енергетски и други објекти,  кои преку прекуграничните соработки со соседните градови се реализираа, а сè во функција на подобрување на животот и условите во  општините во Република Македонија. Во врска со реализираните проекти, но и со нереализираните,  градоначалниците информираа за предностите и слабостите на своите општини, при што главен акцент за позитивните, односно негативните искуства  во искористувањето на ИПА средствата, беше ставен на административните  капацитети на општините, како важен предуслов за успешно завршување на ИПА проектите.

Исто така, беше посочен и моментот на постмониторинг од страна на Европската унија, поради можноста, доколку се утврди одредена неправилност во искористувањето на овие средства, да следи казна која предвидува општината  од  две до пет години да не може да аплицира за ИПА проекти.

Претседателот на Стопанската комора на  Северозападна Македонија,  г.  Кучи сведочеше од аспект на бизнис заедницата, при што истакна дека   стопанствениците во поголем број треба да аплицираат за користење на ИПА средствата, поради поволностите што се нудат од страна на Европската унија, и  дека притоа не треба политиката да има никакво влијание.

 

 

 


 

Click