Активности

Петок, 18 јануари 2013 година

Официјална посета на Мешовитиот парламентарен комитет на Големото народно собрание на Република Турција

Во рамките на билатералната соработка меѓу Парламентите на Република Македонија и Република Турција, на иницијатива на копретседавачот на Мешовитиот парламентарен комитет-Република Македонија и Европска унија, Делегација од овој Комитет вчера оствари официјална посета на Големото народно собрание на Република Турција. Делегацијата, во состав: г. Кенан Хасипи, копретседавач на овој Комитет; г-ѓа Силвана Бонева и г. Александар Спасеновски, членови на Комитетот и г-ѓа Дешира Имери, заменик-член на Комитетот, оствари повеќе средби и состаноци.

Делегацијата се сретна со г. Афиф Демиркиран, претседавач на Мешовитиот парламентарен комитет-Република Турција и Европска унија и размени повеќе искуства околу работењето на овој Комитет.

Пратениците од двата комитета ги споделија искуствата од работењето на овие тела, како клучни парламентарни тела во евроинтегративниот процес. Притоа, г. Кенан Хасипи ги запозна домаќините со работата и начинот на функционирање на Мешовитиот парламентарен комитет-Република Македонија и Европска унија.

Беа разменети искуства за предизвиците со кои овие комитети се соочуваат во нивната работа, односно начинот на комуникација меѓу двете делегации - онаа на националниот парламент и таа од Европскиот парламент, потоа како се усогласуваат завршните препораки, како се градат координирани ставови околу завршните препораки, како се усогласуваат ставовите околу поднесените амандмани и други прашања сврзани од делокругот на работа.

Беа разменети и искуства од работењето на секретаријатите на овие мешовити комитети, кои, заедно со пратениците, ја споделуваат работата и обврските и заедно со нив се носители на вкупната репрезентативност на комитетите. 

На средбата со г. Мехмет Текелиоглу, претседател на Комисијата за интеграција со Европската унија, домаќинот ги запозна гостите со членовите на оваа Комисија, нејзината работа и начинот на функционирањето. Притоа, истакна дека членовите на оваа комисија и на Мешовитиот комитет се исти, само се менуваат претседателите на овие комисии.

Од страна на Делегацијата, домаќините беа информирани и за начинот на работа на Комисијата за европски прашања во Собранието на Република Македонија.  Беше потенцирана важноста од блиски и поинтензивни контакти меѓу комисиите на двата парламента во насока на заемно помагање, споделување на искуствата и давање поддршка во клучните моменти на евроинтегрирањето на двете земји.

Делегацијата оствари кратка средба со г. Хусеин Бурге, претседател на Парламентарната група за пријателство Република Турција-Република Македонија, каде беа разменети мислења за позитивните искуства од досегашната соработка. Притоа, беше потенцирана важноста од блиска и интензивна соработка меѓу двете групи за соработка, бидејќи на тој начин се покажува искреното и вистинското пријателство меѓу двете земји.

Делегацијата оствари средба и со заменик-претседателот на Парламентарната група за соработка Република Турција-Република Македонија, г. Исмаил Кашдемир, при што во духот на богатата меѓупарламентарна соработка беа разменети пријателски ставови и искуства од досегашната соработка. Беше потенцирано дека и во наредниот период ќе се задржи позитивната динамика во контактите на групите за соработка во духот на извонредните билатерални односи меѓу двете држави.

На средбата со г. Исмаил Сафи, шеф на Делегацијата на Парламентот на Турција во ПАБСЕК (Парламентарното собрание на Црноморската асоцијација за економска соработка), која беше остварена на негово барање,  делегацијата размени мислења за евроатланските аспирации на Република Македонија и за несебичната и неуморна поддршка, што притоа Република Турција ја дава на Република Македонија.

Воедно, беа разменети мислења и за фактот што Република Македонија, која е поканувана изминативе 20 години да учествува во работата на ПАБСЕК, за жал, тоа не го реализирала од веќе познатите причини поврзани со името на државата за кои Република Грција смета дека се клучен услов за прием во организацијата. Свесен за состојбата, г. Сафи изрази надеж за позитивно решение во блиска иднина и препорача Република Македонија и натаму да вложува напори за целосно интегрирање во структурите на ПАБСЕК. 

Во рамките на програмата, Делегацијата оствари средби и со претставници од одделни директорати во Службата на Големото народно собрание, односно со Секторот за надворешни работи и протокол и Секторот за истражување.

На овие средби Делегацијата се запозна со функционирањето на овие служби, начинот и распределбата на работата, координирањето на активностите, за тоа како одговараат на барањата на пратениците и на делегациите, како и други прашања од нивниот делокруг на работа.
Click