Активности



Вторник, 24 септември 2013 година

Семинар на тема: „Отворен парламент: транспарентност на парламентарните активности"

На 23 и 24 септември 2013 година, во Собранието на Република Македонија се одржува семинар на тема: „Отворен парламент: транспарентност на парламентарните активности". Семинарот се реализира во рамките на повеќегодишната и континуирана соработка на Собранието на Република Македонија со Европскиот парламент, односно со Одделението за соработка во претпристапните активности при Директоратот за демократска поддршка и претставува еден од низата семинари на кои пратениците и службениците од Собранието на Република Македонија изминативе години имале можност активно да учествуваат и успешно да се презентираат.

Темата на семинарот има за цел да го претстави диверзитетот на искуствата од транспарентноста на парламентарните активности како на парламентите на земјите-членки, така и на земјите-аспиранти за членство во Унијата, како и на Европскиот парламент.

На семинарот учествуваат повеќе европарламентарци, пратеници и службеници од парламентите на Република Македонија, Република Србија, Република Албанија, Република Косово, Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина и Република Турција, претставник од Регионалниот совет на соработка и претставници на повеќе невладини организации од Република Македонија. Како особена придобивка е што меѓу учесниците и говорниците на семинарот е и г. Ласло Сурјан, потпретседател на Европскиот парламент.

Семинарот, во името на претседателот на Собранието на Република Македонија, го отвори г-ѓа Светлана Јакимовска, потпретседател на Собранието на Република Македонија, која во своето поздравно обраќање укажа дека транспарентноста и отвореноста на парламентите се корисни инструменти во практикувањето на демократијата, бидејќи, во исто време, претставуваат одлика на репрезентативноста на една власт воопшто. Информирањето на граѓаните за работата на парламентот не е само грижа на медиумите, туку е и одговорност на самите парламенти.

Во таа насока, ги информираше учесниците на семинарот дека Собранието на Република Македонија од 2005 година наваму секоја година организира Денови на Собранието/Отворен парламент, кога преку организирани посети на групи на деца од градинки, на ученици од основните и средните училишта, на студенти од факултети, на групи лица со посебни потреби како и на сите останати заинтересирани граѓани, им се овозможува непосредно запознавање со работните простории на претседателот на Собранието и на пратениците, со нивните задачи и надлежности, со парламентарната сала и со другите работни сали и канцеларии, во кои ги извршуваат нивните секојдневни активности.

Истовремено, г-ѓа Јакимовска истакна дека од не помала важност за директна комуникација со граѓаните е функционирањето на веб-страницата на Собранието на Република Македонија, која е достапна и на албански, англиски и француски јазик. На неа има голем број информации кои секојдневно се ажурираат, од доменот на законодавната активност на Собранието, како и од доменот на активностите на пратениците, пратеничките групи, меѓународната соработка, дневните активности, донесените закони и сите документи од јавен карактер поврзани со работата на пратениците и на Собранието во целина.

Во отворената дебата по темите на семинарот се истакна важноста од отвореноста на парламентарните активности, како особен придонес кон севкупната политичка култура во една земја и како мошне важен и корисен линк за соработка меѓу власта и опозицијата, потоа се истакна значењето на центри за комуникација за граѓаните, силни институционални капацитети на парламентите кои овозможуваат квалитетно извршување на пратеничката функција, функционални и ажурирани веб-страници и користењето на социјалните мрежи за директна комуникација со граѓаните.

По темата посветена на Кодексот на пратеници и деловнички одредби  кои ја регулираат оваа материја, беше истакнато дека и европратениците и пратениците од националните парламенти се избрани директно од граѓаните и одговараат за својата работа пред нив. Во таа насока, регулирањето на нивните права и обврски е преку Кодексот и деловник, каде се пропишани одредби за задолжително пријавување на имотната состојба пред и по пратеничкиот мандат, тековно ажурирање на промените на истата, пријавување на сите подароци примени при официјални средби и посети (на пр. во Европскиот парламент секој европратеник може да прими и задржи подарок во вредност не поголема од 150 евра, која ја проценува специјална комисија составена од европратеници).
 
Во однос на темата за тоа како Европскиот парламент и неговите членови се справуваат со лоби-групите, во дискусиите се истакна дека работењето на лоби-групите е стриктно пропишано со деловникот, при што се овозможува рамноправно учество на лоби-групи од приватни компании, трговски организации, синдикати и академски институции. Притоа, секогаш се води сметка да постои реална и оправдана поврзаност меѓу одредена лоби-група и предметот на лобирање. 

На вториот ден од семинарот се очекува пратениците од националните парламенти, учесници на семинарот, да ги споделат, меѓу себе и во отворена дебата, со европратениците искуствата од матичните држави по темите на семинарот.

Click