Активности



Понеделник, 7 октомври 2013 година, Женева
 
Панел-дискусија на тема „Кон развој што е отпорен на ризици, земајќи ги предвид демографските трендови и природните ограничувања"

На 129. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ), што се одржува од 6 до 9 октомври 2013 година во Женева, Швајцарија учествува Делегација на Собранието на Република Македонија, во состав: г. Јани Макрадули, шеф на Делегацијата; г-ѓа Силвана Бонева, г. Неџати Јакупи, г. Имер Алиу, г. Горан Мисовски и г. Рејхан Дурмиши, членови на Делегацијата. На Собранието учествуваат 1.260 делегати од 134 земји, меѓу кои 44 претседатели и 40 потпретседатели на парламенти.

Членовите на Делегацијата учествуваа на седницата на Управниот совет на ИПУ, на која беше презентиран извештајот за активностите на Унијата и се дискутираше за финансиската состојба на ИПУ.

На предлог од нордиските земји, Собранието одлучи да го дополни дневниот ред со итна дополнителна точка на тема: „Контрола на забраната за употреба на хемиското оружје и неговото уништување: улогата на парламентите".

Втората постојана комисија на ИПУ за одржлив развој, финансии и трговија одржа панел-дискусија на тема „Кон развој што е отпорен на ризици, земајќи ги предвид демографските трендови и природните ограничувања".

Воведничари во дебатата беа г-ѓа Маргарета Валсторм, специјален претставник на генералниот секретар на ООН за намалување на ризиците од катастрофи и г-ѓа Марлин Темерман, директор за репродуктивно здравје и истражување во Светската здравствена организација.

Во дискусијата што следеше учествуваше г-ѓа Силвана Бонева, член на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Интерпарламентарната унија. Таа нагласи дека Република Македонија, инспирирана од општата идеја која произлегува од Рамката за акција од Хјого, се залага и активно работи на градење на капацитети и ја промовира агендата за намалување на ризиците од катастрофи на локално, национално, регионално и глобално ниво.

Во 2010-2011 година, Република Македонија претседаваше со Европскиот форум за намалување на ризици од катастрофи, со што беше даден значаен придонес кон регионалните и глобалните напори за градење на побезбеден свет и обезбедување на развој отпорен на ризици.

Во врска со демографските трендови, г-ѓа Бонева истакна дека Република Македонија води посебна социјална политика, со цел да се запре стареењето на населението и да се поттикне раст на наталитетот. Имплементирани се повеќе стимулациски мерки поврзани со популацискиот развој, како што се, на пример, постојаниот паричен надоместок за трето дете, пензии за мајки кои одгледале четири деца, бесплатно основно и средно образование, бесплатни учебници и сл.

Госпоѓа Силвана Бонева се осврна и на „одливот на мозоци", што е резултат на побарувачката за високообразовани кадри од одредени профили во развиените европски и северноамерикански држави. За надминување на овој проблем е изготвена „Национална стратегија за намалување на одливот на високообразован кадар 2013-2020", а Владата на Република Македонија во своите редови има 4 министри кои се вратени од македонската дијаспора од САД и другите развиени земји. Со ова, според г-ѓа Бонева, се испраќа порака до иселениците дека и во сопствената земја можат да ги реализираат своите интелектуални и животни предизвици.

Комитетот на ИПУ за прашања на ООН одржа седница посветена на соработката меѓу националните парламенти и специјализираните агенции и организации на ООН.

Интерпарламе­н­тарната унија, основана во 1889 година, е најстарата мултилатерална политичка организација, во која членуваат 162 национални парламенти и десет меѓународни парла­мен­­­тарни собранија. Светската организација на парламентите со седиште во Женева, работи во корист на демократијата, мирот и соработката меѓу народите. ИПУ има статус на постојан набљудувач во Организацијата на Обединетите нации.

Click