Активности



Петок, 11 јануари 2013 година

Парламентарната соработка - мост меѓу парламентите и народите

Координаторите на Пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, г-ѓа Силвана Бонева и г. Талат Џафери, остварија одделни средби со федералниот пратеник на Австралија, г. Лук Симпкинс. На средбите присуствуваа и пратеникот Милорад Додевски и г. Зоран Костовски, почесен конзул на Австралија за Република Македонија.

Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, г-ѓа Бонева, изрази посебно задоволство од посетата, нагласувајќи дека во последните години е интензивирана парламентарната соработка која придонесува за јакнење на односите помеѓу двете земји.

Таа искажа огромна благодарност за личниот ангажман и силната поддршка  на Македонија и македонската заедница во Австралија од страна на г. Лук Симпкинс, воедно ја истакна важноста на парламентарните групи за соработка формирани во двата парламента на Македонија и Австралија, кои успешно ги градат мостовите на пријателство и соработка помеѓу двата парламента и народи. Ваквиот начин на заемна комуникација е можност за запознавање на претставниците од двата парламента со состојбите во двете земји, меѓусебно помагање и размена на искуства.

На средбата присутните разменија мислења за моменталната состојба во Парламентот, прашањето за името и интегрирањето на Македонија во Европската унија и НАТО, како и за претстојните локални избори.

Госпоѓа Бонева изрази благодарност за досегашните исклучителните напори и разбирање на чувствата на Македонците во Австралија и овде, и за повлекувањето на одлуката на австралиската влада од 1994 година со која австралиските институции македонската заедница ја нарекуваа славомакедонска.

Воедно, таа изрази надеж дека добрите економски политики на Република Македонија ќе бидат основа за привлекување на инвеститорите од Австралија со промоција на Македонија во австралиското општество и од страна на пратениците кои со срце работат да ѝ помогнат на Македонија и да ги унапредат односите меѓу двете земји.

Исто така, г-ѓа Бонева ја истакна потребата од склучување договори за надминување на двојното оданочување, со цел непречено одвивање и интензивирање на економската соработка.

Господин Лук Симпкинс искажа разочарување од тоа што Европа не прави доволен притисок од Грција да ја почитува Времената спогодба од 1995 година и Пресудата од Меѓународниот суд од Хаг и да не го попречува интегрирањето на Македонија во меѓународните организации.

На крајот, тој порача дека ако неговата  партија победи на изборите оваа година, Република Македонија ќе биде признаена по уставното име.

Координаторката, посакувајќи им среќа на претстојните избори, истакна дека признавањето на Република Македонија под уставното име од страна на Австралија ќе испрати силен сигнал до сите земји во светот за поддршката на Австралија во праведната борба за зачувување на уставното име.

На почетокот од средбата со г. Лук Симпкинс, г. Талат Џафери изрази задоволство од можноста да разменат мислења околу соработката на двете пријателски држави.

Координаторот на Пратеничката група на ДУИ го запозна гостинот со формирањето, структурата и улогата на оваа партија во политичкиот живот во Република Македонија.

Како стратегиска определба на ДУИ, покрај заложбата за подобрување на политичката и демократската култура во земјата, г. Џафери како приоритет го истакна членството на Македонија во ЕУ и НАТО, со што би се решиле и внатрешните безбедносни прашања.

Во разговорот, координаторот Џафери ја спомена и разликата која е создадена споредбено во последните десет години, дека се воспоставени поинакви односи на целиот Балкан, потсетувајќи дека денес граѓаните на Македонија границите со соседните земји Албанија и Србија ги минуваат само со лични карти.

Во врска со проблемот со прашањето за името меѓу Македонија и Грција, г. Џафери истакна дека тоа ги засега и нив, дека е чувствително и за сите албански партии, а македонската страна ја има нивната поддршка тоа да се реши на таков начин ниедна страна да не биде загрозена.

Австралискиот пратеник пројави интерес за тоа по што ДУИ се разликува од другите албански партии, при што г. Џафери нагласи дека основната разлика е тоа што она што ќе го каже ДУИ во изборната програма, тоа и го реализира кога е на власт и затоа континуирано ја има поддршката од граѓаните.

Click