Активности

Среда, 29 мај 2013 година

Поддршка од Естонија за евроинтегративниот пат на Македонија

Претседателот на Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентите на балтичките земји, г-ѓа Лилјана Поповска и членовите на Групата, г-ѓа Дешира Имери и г. Емилијан Станковиќ, остварија средба со Делегација на Комисијата за европски прашања на Естонскиот парламент.

Естонската делегација беше предводена од г. Арто Ас, претседател на Комисијата, а во нејзин состав беа уште и членовите: г. Март Нут, г-ѓа Естер Туиксо и г. Ранар Васиљев. Во придружба на Делегацијата беше Н.Е. Арт Хилпус, амбасадор на Естонија за Република Македонија.

На почетокот од средбата, македонските пратеници искажаа задоволство од интересот и посетата, со која дополнително ќе се поттикне парламентарната соработка на двете пријателски земји. Тие изразија  благодарност за поддршката која нашата земја ја добива од Естонија во врска со евроинтеграциите.

Претседателот на Пратеничката група, г-ѓа Поповска, посебно се заблагодари за Резолуцијата која заеднички ја усвоија Парламентите на трите балтички земји, Естонија, Летонија и Литванија, во која јасно се кажува преговорите на Република Македонија со Европската унија да започнат веднаш, без разлика на нерешениот спор во врска со името со Република Грција.

Госпоѓа Поповска го искажа ставот дека не смеат да се спречуваат интеграциите на  една земја доколку бележи реформи и добива позитивни извештаи, и принципиелно и реално е Република Македонија да ги започне преговорите за членство во ЕУ. Прашањето за името е нелогично и апсурдно, уште повеќе што навлегува во идентитетот.

Таа истакна дека македонските граѓани во огромен процент даваат поддршка за влез на земјата во ЕУ и НАТО, но постојаните одбивање доведуваат до разочарување. Сепак, постои едногласност кај сите во врска со евроинтеграцијата на Република Македонија, бидејќи друга алтернатива не постои.

Шефот на Естонската делегација, г. Арто Ас, истакна дека и покрај добрите односи меѓу двете земји, граѓаните не се познаваат доволно, нема посети, а економските односи се скромни, дека важно е да има бизнис односи, затоа што нема политички проблеми меѓу земјите.

Соговорниците продискутираа и за економската состојба во двете земји, како и за прашањето за плодноста, односно намалувањето на населението и емиграцијата во други земји и за тоа што треба да се преземе за надминување на овие прашања, кои се економски и егзистенционални за мали држави.
Click