Активности



Среда, 18 септември 2013 година

Потпишан Меморандум за исполнување на стратешката цел за членство на Република Македонија во Европската унија

На 16 септември 2013 година, политичките партии на Република Македонија потпишаа меморандум за исполнување на стратешката цел за членство на Република Македонија во Европската унија.
Меморандумот беше потпишан поаѓајќи од стратешката определба на Република Македонија за членство во Европската унија, утврдена од моментот на нејзиното осамостојување во 1991 година, која определба е јасно и недвосмислено поддржана од сите политичките субјекти и од граѓаните на земјата.

Ваквата стратешка определба е утврдена поради фактот што Република Македонија е европска држава која припаѓа во Европа, како историски и географски, така и цивилизациски.

Поаѓајќи од заложбата на Република Македонија да ги споделува вредностите на Европската унија за достоинство, слобода, демократија, еднаквост, владеење на правото и почитувањето на човековите права, свесни дека дијалогот и соработката меѓу политичките партии и конструктивната размена на ставови и мислења се клучни за демократскиот развој, потенцирајќи дека на патот на Република Македонија кон членството во Европската унија, неопходен е меѓупартиски консензус и меѓусебна поддршка, политичките партии потписнички на овој Меморандум, се обврзаа дека:

  1. Континуирано и без одлагање ќе ги спроведуваат, во рамките на институциите, сите активности и одлуки за реформи потребни за исполнување на критериумите за членство во Европската унија, а особено оние кои се однесуваат на слободата на медиумите и изразувањето, слободни и фер избори, владеењето на правото и независноста на судството, како и борба против корупцијата и криминалот;
  2. Ќе се воздржат од дејствија и активности кои може да го попречат или негативно да влијаат на пристапниот процес; притоа, несогласувањата или различните мислења ќе се надминуваат со меѓусебен дијалог во рамките на институциите, водејќи сметка пред сè за интересот на државата и нејзините граѓани;
  3. Ќе вложат напор за постигнување на усогласени ставови или решенија во однос на надминување на предизвиците со кои се соочува Република Македонија во пристапниот процес преку отворен и конструктивен политички дијалог;
  4. Ќе обезбедат целосно и континуирано информирање на политичките субјекти и граѓаните за процесот на интегрирање на Република Македонија во Европската унија.

Овој меморандум беше отворен за потпишување за сите регистрирани политички партии во Република Македонија. Секоја политичка партија може да пристапи кон истиот и по датумот на потпишување со доставување на изјава за пристапување до депозитарот на Меморандумот.

Click