Активности

Вторник, 17 декември 2013 година

ПРАЗНИЧНО ИЗДАНИЕ НА БИЛТЕНОТ НА МПК

Во очи на четвртата годишнина од издавањето, излезе празничното издание на Билтенот на Мешовитиот парламентарен комитет - Република Македонија и Европската унија. По тој повод, копретседавачот, г. Кенан Хасипи, во име на Делегацијата на МПК – РМ и ЕУ и во свое лично име, упати честитки до своите колеги европарламентарци за добро здравје и успех на личен и професионален план следната година.

Во новогодишната честитка, копретседавачот Хасипи, уште еднаш, како ретроспектива за изминатата година, ги изложи конкретните реформски процеси кои Република Македонија ги презеде во рамките на Пристапниот дијалог на високо ниво, организирањето на фер и конкурентни локални избори, формирањето на комисијата за испитување на настаните во Собранието на Република Македонија од 24 декември, потпишувањето на Меморандумот од страна на политичките партии за исполнувањето на стратешката цел за членство на Република Македонија во ЕУ и организирањето, во рамките на претседавањето на Република Македонија со Процесот за соработка во Јуогисточна Европа, на Конференција на претседатели на парламенти на која се даде силен поттик овој процес да се институтиционализира и да прерасне во силна парламентарна организација. На патот кон целосна валоризација на сработеното, г. Хасипи побара поддршка од своите колеги за конечно отворање на европската иднина на македонските граѓани.

Во Билтенот се пренесени најзначајните акценти од посетата на претседателот Вељаноски на Кралството Шпанија и средбите со претседателот на Конгресот на Шпанија, г. Хесус Мариа Посада Морено и со претседателот на Сенатот, г. Пио Гарсиа Ескудеро, на кои беа нагласени добрите односи меѓу двете земји, се упати поддршка на аспирациите на Македонија и земјите од регионот да се приклучат кон НАТО и ЕУ и беше поздравен начинот на кој земјата учествува и дава свој придонес во Мисиите на Алијансата.

Исто така, во Билтенот има информација за одржувањето на Осмата конференција на парламентарни комисии за европски прашања/интеграции на државите опфатени во процесот за стабилизација и асоцијација од Југоисточна Европа – КОСАП, со која уште еднаш се потврди дека меѓупарламентарната соработка на земјите од регионот оди по нагорна линија и дека со тоа практично се реализираат препораките од Солунската агенда.

Меѓу останатите активности, во Билтенот е и учеството на собраниската делегација во состав: потпретседателката на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Сузана Салиу и пратеничката г-ѓа Цветанка Иванова во Европскиот парламент на Годишниот самит „Жените во парламенти - Глобален форум", каде беше нагласено дека духот на жената парламентарка го унапредува општеството.

Последниот број на Билтенот, како и неговите минати изданија, можете да ги прочитате на следнава адреса: http://www.sobranie.mk//mpk.nspx

a за повеќе информации за активностите на МПК, одете на следниов линк:
http://www.sobranie.mk/default-MK.asp?ItemID=B052DC5680964D41A79CCA558F2A68E4

Click