Активности

Среда, 10 април 2013 година

Размена на искуства од македонското и чешкото здравство со цел подобра здравствена заштита на граѓаните 

Комисиите за здравство на Собранието на Република Македонија и Чешкиот парламент остварија средба на која разменија мислења и искуства од областа на здравството, сè со цел подобра здравствена заштита на граѓаните.

На почетокот од средбата, претседателот на македонската Комисија за здравство, г. Менде Диневски, ја поздрави чешката делегација и ја запозна со составот, работата и надлежностите на Комисијата.

Зборувајќи за начинот на функционирањето на здравството во Република Македонија, г. Диневски ги спомена последните измени во Законот, реформите во насока на поефикасен здравствен систем, а во интерес на пациентите.

Заменик-претседателот на Комисијата за здравство на Чешкиот парламент, г. Алеш Разточил, давајќи кус историјат на чешкото здравство, истакна дека тоа се наоѓало во лоша состојба после II Светска војна, но потоа преку низа реформи, се доведува на европско ниво.

Тој ги запозна македонските пратеници со организацијата на здравствениот систем во Чешката Република, капацитетите со кои располагаат и начинот на нивното функционирање.

Исто така, г. Разточил истакна дека има многу области во чешкото здравство со кои се гордеат, но постојат и такви кои треба да се подобрат, потенцирајќи ја во тој контекст превенцијата, како основа на добрата здравствена состојба на населението.

И покрај поволностите кои ги нуди здравствениот систем во Чешка, сепак популацијата од социјално проблематичните области не ги користи тие можности.

Беа разменети мислења и во однос на ХПВ вакцините, ПАП-тестовите, физикалната медицина и слично.

Присутните изразија задоволство што имаа можност да разменат искуства, што само ќе придонесе кон подобрување на здравствениот систем во двете земји.

 

 
Click