Активности



Понеделник, 14 октомври 2013 година, Охрид

Регионална конференција во организација на Вестминстер фондацијата

Во рамките на Регионалната конференција, во организација на Вестминстер фондацијата, која се одржа од 11 до 13 октомври 2013 година во Охрид, Република Македонија, свое учество зеде делегација на Собранието на Република Македонија во состав г. Хајрула Мисини, претседател на Комисијата за европски прашања, г-ѓа Владанка Авировиќ, претседател на Комисијата за економски прашања, г. Марјанчо Николов, претседател на Комисијата за финансирање и буџет и пратениците г. Гордан Георгиев и г-ѓа Христина Рунчева, членови на Комисијата за европски прашања.

Оваа конференција е дел од активностите на Регионалната парламентарна мрежа на Комисиите за финансирање и буџет, економски прашања и европски интеграции на која се дискутираше за парламентарниот надзор за ИПА фондовите.

За време на оваа конференција свое излагање имаше Хајрула Мисини, којшто ја презентираше Надзорната расправа што ја организира Комисијата за европски прашања и која беше посветена на користењето на ИПА фондовите во Република Македонија.

Во дискусијата којашто се разви меѓу учесниците на конференцијата на оваа тема беше оценето дека комисијата за европски прашања во Република Македонија има направено пионерски чекор во однос на надзорните расправи во однос на целиот регион, особено ако се има предвид темата за којашто се спроведува надзорната расправа.

Исто така, свое излагање имаше г-ѓа Владанка Авировиќ, која воедно е и претседател на бордот на мрежата на овие комисии во регионот. Таа истакна дека ваквите состаноци ја јакнат регионалната соработка и претставуваат клучен фактор за воспоставување и одржување на политичка стабилност, сигурност и економски просперитет.

Активно учество имаа и останатите пратеници, г. Марјанчо Николов, г. Гордан Георгиев и г-ѓа Христина Рунчева, во нивните дискусии преовладуваа теми за парламентарниот надзор за ефикасно проектирање на буџетите на државите, како и за механизмите за најефикасно носење на буџетот.

На маргините на оваа конференција беше одржана билатерална средба помеѓу делегацијата на Собранието на Република Македонија и делегацијата на Парламентот на Федерацијата на Босна и Херцеговина, предводена од претседателот на Претставничкиот дом на Парламентот на Федерацијата на Босна и Херцеговина, г. Фехим Шкаљич.

На оваа средба беше договорено комисите за европски прашања на двата парламента потесно да соработуваат, да разменуваат искуства особено околу евроинтеграциите на двете држави.

На крајот од конференцијата актуелниот претседател на бордот на мрежата, ѓ-га Владанка Авировиќ го предаде претседателството на г. Владимир Маринкович, претседател на Комисијата за финансирање и буџет на парламентарното Собрание на Република Србија.

Click