Активности



Понеделник, 22 април 2013 година

Македонија од увезувач премина во извезувач на стабилност

Делегација на Комисијата за цивилна димензија на безбедноста на Парламентарно собрание на НАТО, под раководство на г. Лорд Џоплин, претседател на Комисијата, како и претседателот и потпретседателот на Поткомитетот за демократско владеење, г. Виталино Цанас, и г-ѓа Жоли Гарио-Мајлам, оствари посета на Собранието на Република Македонија.

Најпрво НАТО делегацијата се сретна со потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска; шефот на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарно собрание на Северноатлатската договорна организација, со статус на придружна делегација (ПС НАТО), г-ѓа Ермира Мехмети-Деваја и членот на истата, г. Павле Трајанов.

На почетокот, потпретседателот Јакимовска се заблагодари за посетата, што само ја покажува посветеноста на НАТО за соработка со нашата земја.

Таа ја нагласи стратешката определба на Република Македонија кон евроатлантските интеграции, на што интензивно работи во изминатиот период и активно придонесува за меѓународната безбедност и преку учество во мисиите на НАТО во Авганистан, Ирак и Босна и Херцеговина.

НАТО делегацијата, која беше децидна дека сака да ја види Република Македонија во ЕУ и НАТО, пројави интерес за случувањата во Собранието од 24 декември и за спорот за името со Република Грција.

Потпретседателот Јакимовска, објаснувајќи ги случувањата на 24 декември, овој ден го оцени како последниот во низата претходни настани во Собранието.

Во тој контекст, г-ѓа Ермира Мехмети-Деваја додаде дека со договорот од 1 март треба да се стави крај на овој инцидент. Во својот говор, таа истакна дека Република Македонија од увезувач премина во извезувач на стабилност, дека ги има исполнето НАТО критериумите и сака да биде дел од Алијансата која ги шири мирот и стабилноста, додавајќи дека во овој период треба да се направи чекор напред во процесот на евроинтеграцијата.

Во однос на спорот за името, г-ѓа Светлана Јакимовска потенцира дека Република Македонија останува во преговорите за заеднички прифатливо решение, за кое сепак одлуката ќе биде на граѓаните преку референдум, притоа потенцирајќи дека за идентитетот нема да се преговара.

Наводните територијални претензии на Република Македонија кон Грција и Бугарија, г. Павле Трајанов ги окарактеризира како една голема лага пласирана во меѓународната јавност, за што како доказ дека такви претензии не постојат, постои подготвеност за потпишување на договор за незаменливост на територии.

НАТО делегацијата оствари средба и со членовите на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Северноатлантската договорна организација, со статус на придружна делегација (ПС НАТО), членовите на Комисијата за одбрана и безбедност и на Комисијата за надворешна политика.

Шефот на Делегацијата, г-ѓа Ермира Мехмети-Деваја, во своето воведно излагање, изрази задоволство од присуството на членовите на Комисијата за цивилна димензија на безбедноста на Парламентарно Собрание на НАТО.

Претседателот на Комисијата за надворешна политика, г. Антонио Милошоски, во однос на прашањето за Македонија и НАТО, посочи дека сме задоволни и го сметаме за успех што од земја потрошувач од сигурноста на НАТО станавме земја која придонесува за сигурноста и безбедноста на НАТО. Воедно, Македонија е рангирана на четвртото место со голем придонес за учество во мировните мисии во Авганистан.

На барање на НАТО делегацијата, присутните разменија мислења по прашањата за случувањето во Собранието од 24 декември и формирањето на анкетна комисија за расветлување на настаните, состојбата на медиумите и слободата на изразувањето, наметнатиот спор за името од страна на Република Грција, стратешката определба на Македонија со политичкиот и етнички консензус за ЕУ и  НАТО интеграцијата, како и можноста за зголемување на процентот за трошоците за одбраната од БДП.

Господин Лорд Џоплин, изразувајќи воодушевување од средбата, како прва за многумина од делегацијата, посочи дека високо го цени воениот придонес на Македонија преку учеството во мировните мисии и посака што побргу да му се придружи на НАТО и ЕУ семејството.

Click