Активности



Понеделник, 25 март 2013 година, Сараево, Босна и Херцеговина

Улогата на комисиите за европски прашања во однос на остварување на критериумите за зачленување во Европската унија

Претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, г. Хајрула Мисини учествуваше на Седмата конференција на парламентарните комисии за европски прашања на земјите кои учествуваат во Процесот за стабилизација и асоцијација на Југоисточна Европа (КОСАП), што се одржа во Сараево, Босна и Херцеговина.

Учесниците на конференцијата разговараа и дебатираа за Резолуцијата на Европскиот парламент во врска со проширувањето. Тема на конференцијата беа и стратешките интереси на земјите од регионот во врска со проширувањето на Унијата, како и улогата на комисиите за европски прашања во однос на остварувањето на критериумите за зачленување во Европската унија, а, исто така, се дискутираше и за новиот концепт на ИПА-2.

Претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Мисини беше модератор на сесијата што се однесуваше на Трансформационата сила на евроинтегративниот процес-позитивни искуства и нивната применливост во државите од регионот. Од негова страна беше нагласено дека која било анализа на причините за интегрирањето на Република Македонија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово и Турција во Европската унија од историски, географски, политички, економски, културолошки аспект на крајот ќе резултира со еден и идентичен заклучок дека ние сме дел од Европа и неминовно ќе станеме и дел од Европската унија. Основните цели на интегрирањето на нашите држави би можеле да се дефинираат во насока на развој на демократскиот политички систем и унапредување на пазарната економија, забрзување на социјалниот и економскиот развој, зајакнување и продлабочување на соработката со земјите-членки на Европската унија, консолидирање на нашите позиции на меѓународен план и промоција на националните идентитети како мирољубиви земји целосно и безрезервно ориентирани кон интегративните процеси.

Претседателот на комисијата, г. Мисини покрена иницијатива за приклучување на Косово и на Турција кон КОСАП како рамноправни земји-учеснички во Процесот за стабилизација и асоцијација на Југоисточна Европа. Учесниците на конференцијата се договорија ваквата иницијатива да се разгледува на наредниот состанок на КОСАП кој ќе се одржи во Скопје.

Конференцијата заврши со усвојување на Заедничка изјава едногласно усвоена од страна на сите земји-учеснички.

 

 

 

 

 

 

 


 

 

 

Click