Активности



Вторник, 27 август 2013 година

Седумдесет и четврта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на Седумдесет и четвртата седница одржана на 27 август 2013 година, како матично работно тело го разгледа Предлог на закон за задолжување на М-НАВ АД Скопје со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем по Проектот за надградба на македонскиот систем за воздухопловна навигација-втора фаза без државна гаранција (по скратена постапка).

Образложение на Предлогот на законот даде заменикот на министерот за финансии, г. Ардиан Џеладини. Тој истакна дека овој проект се состои од следните компоненти:

  1. Набавка, инсталирање и тестирање на нов ATM Систем, вклучувајќи техничко оперативна сала за истиот. Суштината на АТМ Системот е контрола на воздушниот сообраќај. Компонентата вклучува инсталирање и пуштање во употреба на нов АТМ систем во Обласниот центар за контрола на воздушниот простор (ACC) Скопје и вклучува техничка оперативна просторија.
  2. Набавка, инсталирање и тестирање на систем за говорна комуникација. Постоењето на ваков систем е суштински кога се работи за контрола на воздушниот сообраќај. Системот овозможува комуникација меѓу контролори во Скопје ACC, комуникација со соседните АТС единици преку изнајмени линии и комуникација со авион преку микробранова радио врската и радио систем. Системот се состои од дигитални основни, различни типови на интерфејси (радио, MFC, Телефон, ISDN, VoIP) и оператор позиции (екран на допир и аудио панел), далечински мониторинг и систем за контрола (RCMS).
  3. Набавка, инсталирање и тестирање на радио опрема за комуникација
    Инсталација на VHF радија (предаватели и приемници), филтри, антена систем, далечински управувач и мониторинг систем.
  4. Набавка, инсталирање и тестирање на нов дигитален систем за снимање на говор. Новиот систем ќе биде компјутерски базиран со голем број на интерфејс картички (аналоген глас или дигитални IP) и модул за архивирање (хард диск и/или DVD или друг медиум). RMCS е дел од системот. Новиот систем ќе биде компатибилен со најновата VCS и VHF радио технологија што ќе придонесе за подобрување на квалитетот на снимените податоци.
  5. Набавка, инсталирање и тестирање на опрема за радарско набљудување во Скопје. Зајакнување на надзорната инфраструктура преку набавка, инсталација и пуштање во  употреба на нов радар, како и зајакнување на надзорната инфраструктура преку надградба на постојниот радар инсталиран во Скопје.
  6. Набавка, инсталирање и тестирање на опрема за радарско набљудување во Охрид. Зајакнување на надзорната инфраструктура преку набавка, инсталација и пуштање во  употреба на нов радар, како и зајакнување на надзорната инфраструктура преку надградба на постојниот радар инсталиран во Охрид.
  7. Набавка на метео опрема за аеродромите во Скопје и Охрид. Набавка, инсталација и тестирање на системите за опсервација на времето на Скопскиот и Охридскиот аеродром.

М-НАВ АД Скопје ќе учествува и со сопствени средства во износ од 5 милиони евра кои ќе бидат наменети за ДДВ  и за непредвидени трошоци кои би можеле да се појават во текот на реализација на проектот. Исто така, за потребите на проектот ЕБОР ќе обезбеди грант за техничка соработка во вкупен износ до 600.000 евра. Заемот ќе биде доделен на М-НАВ АД Скопје  под следните услови: 

Рок на отплата од 12 години со вклучен грејс период од 3 години. Заемот ќе се отплаќа девет години на секој 15-ти март, 15-ти јуни, 15-ти септември, 15-ти декември. Отплатата почнува три години по денот на потпишување на Договорот за заем. Каматната стапка е еднаква на тримесечен ЕУРИБОР зголемен за 3,75 % на годишно ниво.Еднократна провизија - М-НАВ АД Скопје ќе и плати на Европската банка за обнова и развој еднократна провизија во износ од 1,25% од износот на заемот. Провизија за неповлечени средства- За износот на неповлечените средства од заемот на Европската банка за обнова и развој ќе и се плаќа провизија на годишно ниво во висина од 0,5% од износот на неповлечените средства од заемот. Казнена камата- Доколку не се платат обврските во предвидените рокови согласно Договорот за заем, М-НАВ АД Скопје ќе плаќа казнена камата во висина на годишната каматна стапка зголемена за 2% годишно.

Со реализација на проектот првенствено се очекува: Зголемување на капацитетот на летови на годишно ниво во воздухопловно информативниот регион Скопје од 130.000 (база 2008 година) на 500.000 летови во 2028 година; Зголемување на капацитетот на дневни летови од 600 (база 2008 година) на 2500 летови во 2028 година; Генерирање зголемени приходи со оглед на фактот дека единечниот трошок за прелети на нашата територија се очекува да се намали од 0.58 еур/км. во 2008 година до 0.3 еур/км. во 2028 година; Автоматизирање на дел од АТМ процесите и намалување на трошоците со редуцирање на потребата од човечки ресурси; Користење на сегашниот АТМ систем како бекап во случај на испад, а со тоа се зголемува достапноста на непреченото давање на АТМ услуга  зголемувајќи ја атрактивноста на воздушниот простор на Република Македонија, а со тоа и зголемен сообраќај и приходи за М-НАВ АД Скопје; Намалување на загадувањето на животната средина од емисја на штетните гасови од воздушниот сообраќајот; Оптимизација на текот на сообраќајот, а со тоа скратување на траекторијата на прелет и до 5%; Намалување на временските загуби, времето на патување, преку подобрено следење на воздушниот сообраќајот во реално време и контрола на воздушниот сообраќајот и Дополнително подобрување на имиџот на компанијата како модерен европски центар за давање на услуги во воздушната пловидба.

Во претресот учествуваа пратениците: Марјанчо Николов, Лилјана Кузмановсла, Владанка Авировиќ и Самка Ибраимоски.

Комисијата за финансирање и буџет го проследи Предлог на закон за задолжување на М-НАВ АД Скопје со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем по Проектот за надградба на македонскиот систем за воздухопловна навигација-втора фаза без државна гаранција на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

Click