Активности

Среда, 16 октомври 2013 година 
 
Парламентарната соработка придонесува во зајакнувањето на билатералните односи меѓу Македонија и Полска
 
Потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска денеска оствари средба со потпретседателот на Сејмот на Република Полска, г. Јежи Вендерлих. На средбата присуствуваа г. Богдан Јанковски, заменик-директор на Бирото за меѓународна соработка на Сејмот на Република Полска, г-ѓа Ана Сохањска, заменик-директор на Директоратот за европска политика во Министерството за надворешни работи на Република Полска и г-ѓа Марта Пжениосло, в.д. амбасадор на Република Полска во Република Македонија.

Потпретседателката Јакимовска во своето воведно излагање истакна дека посетата покажува дека Република Полска е подготвена и понатаму, како и досега, интензивно и посветено да соработува со Република Македонија.

Таа со задоволство констатира дека билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Полска сè повеќе се развиваат и продлабочуваат низ годините. Веќе неколку последователни пратенички мандати, Собранието на Република Македонија континуирано основа Пратеничка група за соработка со Полскиот парламент, со што ја покажува спремноста и посветеноста да оствари поблиска меѓупарламентарна соработка и на тој начин значајно да придонесува во градењето на севкупните билатерални односи меѓу двете држави.

Во контекст на извонредните билатерални односи е неодамнешното одликување на почитуваниот г. Бронислав Коморовски, претседател на Република Полска, од страна на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, со Орден „8 Септември“.

Потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска го запозна својот гостин со исполнувањето на сите реформски приоритети, на Република Македонија, во рамките на Пристапниот дијалог на високо ниво, што резултираше со позитивниот Пролетен извештај на Европската комисија: спроведе фер и конкурентни локални избори, а потоа се формираше и започна со работа Анкетната комисија за расветлување на настаните од 24 декември, од чија работа произлезе извештај со препораки од кои треба да произлезат конкретни чекори и активности, што ќе придонесат за избегнување на вакви ситуации во иднина.

Ние сме задоволни од денешниот позитивен извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија, рече таа, но жалосно ќе биде ако тој до крајот на годината не биде валоризиран од европските министри.

Потпретседателката Јакимовска изрази надеж дека односите меѓу двете држави и понатаму ќе се унапредуваат во сите области, а пред сè парламентарните односи и дека ќе продолжи соработката на пратеничките групи за соработка.

Потпретседателот на Сејмот на Република Полска, г. Јержи Вендерлих истакна дека е запознат со проблемите кои ги има Република Македонија и дека тие произлегуваат од историска гледна точка. И Република Полска имаше свои проблеми и ако е сега членка на ЕУ, таа сè уште има проблеми. Во сите евроатлантски процеси треба да биде вклучена и опозицијата и да бидат вклучени и етничките малцинства во Република Македонија.

Потпретседателот Јержи Вендерлих честиташе за денешниот позитивен извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија и посака Република Македонија да добие датум за почеток на преговори за членство во Европската унија.
Click