Активности

Вторник, 24 септември 2013 година

Средба на г. Хајрула Мисини со турска парламентарна делегација 
 
Претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Хајрула Мисини, денеска, во рамките на семинарот што се одржа во Собранието на Република Македонија на тема: „Отворен парламент: Транспарентност на парламентарните активности„ имаше средба со делегација на Комисијата за хармонизација со Европската унија на Големото национално собрание на Република Турција, предводена од претседателот на комисијата, г. Мехмет Текелиоглу и членовите, г-ѓа Зухал Топџу, г. Мехмет Ѓулинар и г. Огуз Ојан.

На средбата беа разменети мислења и ставови на двете пријателски земји за текот и предизвиците пред кои се соочени, како земји кандидати за ЕУ членство. Притоа, заедничка беше заложбата и ставот дека и понатаму ќе работат на исполнување на европските стандарди и вредности, со цел за исполнување на Копенхашките критериуми и остварување на крајната цел, а тоа е полноправно членство во Унијата.

Претседателот на турската парламентарна Комисија за хармонизација со Европската унија, г. Текелиоглу, заблагодарувајќи се на гостопримството ја потврди добрата и пријателска соработка меѓу Македонија и Турција на сите полиња, која продолжува и понатаму. Притоа, истакна дека  во врска со претстојната Осма конференција на парламентарните комисии за европски интеграции/прашања на земјите учеснички во Процесот за стабилизација и асоцијација на Југоисточна Европа - КОСАП, со која претседава Република Македонија ќе поднесе предлог за зачленување и  на Турција во оваа регионална организација. 

Во врска со ова прашање претседателот на комисијата, г. Мисини истакна дека во рамките на оваа конференција, која треба да се одржи на крајот на ноември, за време на нашето претседавање со КОСАП, ќе биде ставено на дневен ред и прашањето, Турција и Косово да добијат статус на членки на КОСАП. Мисини информираше и за компетенциите на Комисијата за европски прашања, која е надлежна да ги следи евроинтегративните процеси на земјата, но и да врши парламентарен надзор над Владата на Република Македонија во однос на ЕУ прашањата.

На крајот на средбата, г. Текелиоглу упати покана за возвратна  посета на делегација на Комисијата за европски прашања на Турскиот парламент  во текот на октомври, како потврда за продолжување на  добрите пријателски односи меѓу двете држави на парламентарен план, за што претседателот Мисини се заблагодари.

 

 

           

 

 
Click