Активности

Понеделник, 8 јули 2013 година

Отворено небо меѓу Македонија и Австралија е во интерес на двете држави

Пратеникот Илија Димовски, во својство на претседател на Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Австралија, оствари средба со г. Ендру Елсбери, пратеник од Викторија, Комонвелт Австралија.

На средбата присуствуваа пратениците: г-ѓа Цветанка Иванова и г. Милорад Додевски.

Господин Димовски истакна дека во неколкуте последни години Република Македонија обрнува внимание на контактите со Австралија на сите нивоа, при што голем олеснувач во тоа е и македонската заедница во Австралија, како мост за сите овие активности.

На средбата се разговараше за меѓусебната соработка меѓу двата парламента, за формирање на група за соработка во Викторија, а стана збор и за остварените одлични односи со Австралискиот парламент, при што крајна цел е да се збогатат активностите со државните парламенти и со Австралискиот парламент.

Иако пратениците немаат извршна моќ, тие предлагаат идеи за многу подобри економски односи меѓу двете држави, односи со армиите, потоа за размена на студенти, како и за посебен ангажман на македонската страна и Австралиската амбасада за отворено небо, што е во интерес на двете земји и за таа цел државата треба да го поттикнува приватниот сектор. 

Во однос на ова прашање, пратеникот Елсбери потврди дека директните авионски врски се во интерес на двете држави и би биле логични со оглед на големата македонска заедница во Австралија, која само во Викторија брои 18.000 Македонци и околу 40.000 со македонско потекло, кои добро се прилагодуваат и имаат успешен бизнис во општеството, а се занимаваат и со политика.

Иако Австралија и Република Македонија се две најоддалечени држави, сепак постојат прашања за продлабочување на односите меѓу нив: политички, трговски, потоа за заштита на културните богатства, а најважното прашање е заштита на македонските граѓани во Австралија и признавање под нашето уставно име.

 

Click