Активности

Понеделник, 18 февруари 2013 година

Меѓународната парламентарна стипендија - традиционална активност на германскиот Бундестаг

Потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска, денеска оствари средба со стипендистите на Меѓународната стипендија (ИПС) на германскиот Бундестаг. На средбата присуствуваше Н.Е. Гудрун Штајнакер, амбасадор на Сојузна Република Германија во Република Македонија, претседателот на Пратеничката група за соработка со Парламентот на СР Германија, г. Антонио Милошоски и стипендистите Андреа Јовевски и Елена Митревска.

Потпретседателот Јакимовска изрази благодарност до амбасадорот, г-ѓа Гудрун Штајнакер, за сe што прави за овој процес, овој проект да продолжи. Таа ги охрабри стипендистите да се запознаат со работата на Собранието на Република Македонија, а потоа и со работата на Бундестагот и по завршувањето на петмесечниот престој во Германија ги покани повторно да го посетат Собранието и да ги пренесат своите  искуства и импресии од работата на Бундестагот.

Потпретседателот ги информираше стипендистите дека ќе им достави промотивен материјал од Република Македонија, којшто ќе го подготви Министерството за подобро претставување на Република Македонија.

Таа ја запозна Н.Е. Гудрун Штајнехер со програмата што стипендистите ќе ја имаат во Собранието на Република Македонија, при што ќе се сретнат со раководните луѓе на Секторите. Исто така, потпретседателот Јакимовска им соопшти на идните стипендисти дека ќе бидат вклучени во следењето на работата на Собранието од галеријата и на следење на седниците на работните тела.

Амбасадорот Штајнакер истакна дека и претставува чест што веќе втора година учествува во подготвителните разговори на стипендистите  кои ќе престојуваат во Бундестагот.

Претседателот на Пратеничката група за соработка со Парламентот на СР Германија, г. Антонио Милошоски, беше заинтересиран за очекувањата на стипендистите од македонското собрание.

Потпретседателот на Собранието, г-ѓа Јакимовска, истакна дека иницијативата за одржување на Регионална конференција на ИПС алумни здруженија, која ќе се одржи во Собранието на Република Македонија, на 11 и 12 април, оваа година беше поздравена и поддржана и од Претседателството на Собранието, што зборува за односот на раководството кон ИПС програмата и Алумни здружението.

Меѓународната парламентарна стипендија е традиционална активност на германскиот Бундестаг, односно Проект на германскиот парламент, кој заедно со Техничкиот универзитет, Слободниот универзитет и Универзитетот Хумболт од Берлин, дава можност на млади луѓе со завршено универзитетско образование од земјите од Југоисточна Европа да се запознаат со парламенарниот систем на Германија.

Проектот ИПС преку Собранието на Република Македонија се реализира од 2001 година. Германскиот Бундестаг, Собранието на Република Македонија и Германската амбасада се надлежни институции за спроведување на Проектот.
Click