Активности



Четврток, 14 февруари 2013 година

Средба на Постојаната анкетна комисија за слободите и правата на граѓанинот со членови на Поткомитетот за човекови права во Европскиот парламент

Претседателот на Постојаната анкетна комисија за слободите и правата на граѓанинот, г. Беким Фазлиу, членовите: г-ѓа Сузана Салиу и г-ѓа Лилјана Кузмановска и пратениците: г-ѓа Силвана Бонева и г. Газменд Алији, остварија средба со Делегација на Поткомитетот за човекови права во Европскиот парламент, предводена од г. Ричард Ховит.

Уште на почетокот од средбата, г. Ховит даде до знаење дека се тука да го подготват извештајот за Република Македонија, дека се запознаени со случувањата во Македонското собрание од 24 декември, но денеска нема да даваат свое мислење за тој настан, бидејќи најпрво сакаат да се сретнат и искрено да разговараат со сите политички партии одделно.

Евроизвестителот за Република Македонија, г. Ховит, беше заинтересиран кои граѓанските права се загрозени во нашата земја, при што г. Фазлиу информира дека има многу поплаки од граѓаните за работата на судството, кое смета дека не е докрај реформирано, дека е недолотворно, нетранспарентно и зависи од Владата.

Во тој контекст, г-ѓа Сузана Салиу, истакна дека проблемот во Република Македонија не се законите, кои се носат во согласност со сите европски стандарди, туку нивното спроведување, како и функционирањето на независните институции.

Од друга страна, г-ѓа Лилјана Кузмановска не се согласи дека институциите не ги спроведуваат законите, со оглед на тоа што се под постојан надзор. Во однос на подобрувањето на состојбата на човековите права во земјата, таа како примери за она за што може да се дискутира ги наведе правото на сексуална определба, правата на инвалидните лица и правата на жените.

Во својот говор, г-ѓа Силвана Бонева се задржа на случувањата на 24 декември во Парламентот и за тоа што претходеше на тој настан. Таа истакна дека сè паѓа во сенка на отсуството на опозицијата, затоа што Собранието е местото каде треба да се дискутира, а оваа Комисија треба да даде одговор дали, кои и чии права се прекршени.

На крајот, присутните искажаа благодарност и задоволство од средбата, согласувајќи се дека ги чека многу работа и прашања кои треба да се решат.

Click