Активности



Четврток, 29 август 2013 година

Средба на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Државата Израел со д-р Шимон Охајон

Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Државата Израел оствари средба со д-р Шимон Охајон, член на Парламентот на Државата Израел и директор на Центарот за ладино и сефардска култура при Универзитетот „Бар Илан“ во Израел.

Претседателот на Пратеничката група, г. Павле Трајанов, заедно со членовите: г-ѓа Силвана Бонева, г-ѓа Цветанка Иванова, г. Александар Спасеновски, г. Игор Ивановски и г-ѓа Лилјана Поповска, во своето воведно излагање му посакаа пријатно добредојде на д-р Охајон и благодарност за пројавениот  интерес за оваа средба.

Господин Трајанов посочи дека двете држави имаат добра соработка во областа на земјоделството, туризмот, медицината, безбедноста, образованието, како и многу други можности кои постојат за понатамошна плодна соработка.

Д-р Шимон Охајон, кој е во дводневна посета на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, се заблагодари за средбата во оваа посебна прилика кога е во подготовка Конференцијата за историјата и културата на Евреите на Балканот, која ќе се одржи на почетокот на октомври.

Присутните ја истакнаа претходната парламентарна соработка на двете држави и побараа реафирмирање на пратеничката група на Парламентот на Државата Израел за соработка со Република Македонија, како и можност за отворање на амбасада на Израел со седиште во Македонија.

Признавањето на Република Македонија под нејзиното уставното име од страна на Државата Израел, како и поддршката во евроатланските аспирации, беа истакнати како помош од исклучителна важност за нашата земја.

Click