Активности



Четврток, 7 март 2013 година

Средба на пратеникот Хајрула Мисини со Н.Е. Саид Садег Мохамади

Претседателот на Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Исламската Република Иран, г. Хајрула Мисини, оствари средба со Н.Е. Саид Садег Мохамади, амбасадор на Исламската Република Иран во Република Македонија.

На почетокот од средбата, г. Мисини истакна дека високо го цени назначувањето на прв резидентен амбасадор на Исламската Република Иран во Република Македонија, затоа што на тој начин Иран покажува подготвеност и натаму интензивно и посветено да соработува со нашата земја.

Господин Мисини, искажувајќи задоволство од посетата, го запозна гостинот со работата и функционирањето на Пратеничката група и Собранието воопшто, како и со евроинтегративниот процес на Република Македонија и нерешениот спор за името со Република Грција, при што се заблагодари што Иран ја признава нашата земја под уставното име.

Во тој контекст, Н.Е. Саид Садег Мохамади истакна дека Република Македонија ја има поддршката од Иран да стане дел од ЕУ и НАТО и се заложи за што поскоро решавање на ова прашање, како земјата побрзо би се интегрирала во евроатланските структури. 

Соговорниците се согласија дека меѓу двете земји постојат добри политички, економски и културни односи, но потребно е нивно зајакнување, а особено унапредување на парламентарната соработка, како и развивање на трговската размена, преку ратификување на меѓународните договори.

Во интерес на зајакнување на билатералните односи помеѓу двете земји, амбасадорот му врачи на г. Мисини официјална покана од претседателот на Групата за соработка во Иранскиот парламент за посета на Иран од страна на Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Исламската Република Иран.

Click