Активности



Четврток, 21 февруари 2013 година

Средба на координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, г-ѓа Силвана Бонева, со бугарскиот амбасадор, Н.Е. Иван Великов Петков

Македонија е најблиска и најпријателска земја со Бугарија, со која сакаме да развиваме добри односи и да ја видиме во ЕУ и НАТО. Сите меѓусебни отворени прашања треба да бидат ставени на маса, да се надминат преку разговори, да се воспостави механизам и тие преговори да завршат со потпишување на договор – истакна амбасадорот на Република Бугарија во Република Македонија, Н.Е. Иван Великов Петков, на средбата со координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, г-ѓа Силвана Бонева.

Во отворен разговор, двајцата соговорници беа согласни дека средбата на премиерите на двете земји е огромен чекор и дава добар сигнал до граѓаните, дека таа политичка волја треба да се искористи за да не бидат залудни сите вложените напори.

Случувањата во Собранието од 24 декември беа спомнати како нов политички моментум, за кој двајцата изразија надеж дека нема да резултира со негативен извештај и губење на можноста за добивање на датум за започнување на преговори, што би довело до огромно разочарување.

Госпоѓа Бонева информира дека изборните дејствија течат иако дел од опозицијата не учествува во нив, дека ќе бидат преземени сите мерки и ќе бидат овозможени сите услови за одржување на фер и демократски избори, а секое нарушување на истите ќе биде законски казнето.

Таа испрати молба до бугарскиот амбасадор, во рамките на своите можности, во европските кругови да ја пренесе пораката дека македонските граѓани ќе го покажат демократскиот капацитет на денот на изборите и земјата да не се вреднува само по постапките на одделни кругови во политичките партии.

Во тој контекст, како што информира бугарскиот амбасадор, загриженоста во европските амбасади е голема, неопходен е политички дијалог, но сè уште има надеж за добивање на позитивен извештај.

Во однос на македонско-бугарските односи, беше истакнато дека треба да се работи на подобрување на инфраструктурата, отворање на повеќе гранички премини, зајакнување на трговските и економските врски и др.

Поединечни примери не треба да бидат причина за заладување на односите на двете соседни и пријателски земји, политиката не треба да се меша секаде, туку треба да се градат мостови на пријателство.

Стана збор и за моменталната ситуација во Бугарија, но без оглед на тоа каков ќе биде исходот, позитивната динамика во односите со Македонија мора да продолжи, а парламентарната соработка да се зајакне.

Click