Активности



Вторник, 30 април 2013 година

Учество на пратениците Бонева и Ѓорчев на Високиот политички форум Кина-Европа

На покана на раководството на Народна Република Кина, делегација предводена од претседателот на Пратеничката група за соработка помеѓу Собранието на Република Македонија и Народна Република Кина, г-ѓа Силвана Бонева, заедно со претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност, г. Владимир Ѓорчев, од 22 до 26 април 2013 година, беа во посета на Н.Р. Кина. Пратениците Бонева и Ѓорчев учествуваа на Високиот политички форум Кина-Европа, а исто така, остварија повеќе важни средби со високи функционери, во интерес на продлабочувањето на пријателските односи помеѓу двете земји.

Билатералните средби со претседателот на Комисијата за надворешни работи на Секинескиот народен конгрес и заменик-министер за надворешни работи при ЦК на ККП, генералниот директор при Директоратот за односи со Источна Европа и Централна Азија со неговите соработници, како и со началникот на Канцеларијата за надворешни односи на градот Шангај, се потврда на вниманието што го посветува Н.Р. Кина за развојот на добрите пријателски односи со Р. Македонија.

На средбите од страна на г-ѓа Бонева беше искажана благодарност за конструктивната политика која Н.Р. Кина ја води кон Р. Македонија и за употребата на уставното име во билатералните односи и на меѓународно ниво. Госпоѓа Бонева изрази задоволство од степенот на развој на билатералните блиски и пријателски односи помеѓу двете земји и убеденост дека со новото раководство на Н.Р. Кина односите помеѓу двете држави и понатаму ќе се продлабочуваат. Исто така, упати благодарност за финансиската и техничката поддршка која Р. Македонија ја добива од Н.Р. Кина: донации во компјутерската технологија, автобуси, во образованието и во други сфери.

Од страна на претседателот на Комисијата за надворешни работи и другите високи функционери со кои се оствари средба, беше истакнато дека македонското учество на Форумот јасно зборува за вниманието кое Р. Македонија го посветува кон Н.Р. Кина и дека раководството на Н.Р. Кина тоа високо го цени. Беше потенцирано дека не постојат нерешени прашања помеѓу двете земји и дека сме во добра фаза на соработка во економската сфера, која е многу успешна. Постои добра комуникација и поддршка за меѓународни прашања, а, исто така, постои мислење дека треба да се зголеми соработката со Р. Македонија, бидејќи односите со другите земји ги засноваат на рамноправност, а не на големина на земјите. Без оглед што Р. Македонија е мала земја, Н.Р. Кина потенцира дека има посебен интерес за неа.

Од страна на претседателот на Комисијата за надворешни работи, беа објаснети целите на новото раководство за развој на Кина до 2040 година и предизвиците со кои ќе се соочуваат за реализација на тие цели. Целта на кинеското раководство е мирен развој и отворена политика, а посебно зајакнување на соработката со Централна и Источна Европа. Исто така, беше истакнато дека Р. Македонија има свои предности - има добра позиција и може да биде место од каде што Н.Р. Кина ќе има соработка со ЕУ и земјите надвор од неа.

Предлозите од г-ѓа Бонева за соработка во сферата на економијата, културата, образованието, беа оценети како добри и дека во оваа година кога се одбележува 20 години од воспоставување дипломатски односи, ќе се зајакне соработката во сите области. Од нивна страна ќе бидат дадени предлози до соодветните министерства за да ја промовираат соработката со Р. Македонија. Во тој правец очекуваат да помогне и Групата за соработка и пријателство која наскоро треба да се основа во новиот состав Секинескиот народен конгрес.

Од страна на претседателот на Комисјата за надворешна политика, јасно беше искажан ставот дека Секинескиот конгрес ќе ја поддржи соработката со Р. Македонија и размената на искуства во различни области.

Click