Активности

Петок, 5 јули 2013 година

Учество на собраниска делегација на парламентарен состанок на Енергетската заедница

Делегација на Собранието на Република Македонија, во состав: г-ѓа Владанка Авировиќ, г. Драган Цуклев, г. Реџаил Исмаили и г. Николче Ацевски, учествуваше на Првиот состанок на пратеници од земјите учеснички и пријатели на Енергетската заедница, кој се одржа вчера во Секретаријатот на Енергетската заедница во Виена, Австрија.

Состанокот, кој беше организиран во форма на еднодневна работилница во коорганизација на Секретаријатот на Енергетската заедница и Регионалниот совет за соработка, имаше за цел поголемо вклучување на парламентите во работата на Енергетската заедница.

Покрај пратениците од Македонија, учествуваа и претставници на националните парламенти на Aлбанија, Црна Гора, Србија, Украина и Молдавија. 

Целта на работилницата беше да ги информира пратениците за начинот на работење на организацијата, за најитните прашања на политиката и за начините со кои пратениците самите ќе можат да влијаат врз процесот.

Презентациите беа насочени кон улогата на регулаторот, Стратегијата за енергетика и PECI-проектите, социјалните прашања, енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија, електричната енергија, гасот и нафтените резерви.

По презентациите, пратениците имаа можност да ја коментираат состојбата во своите земји, давајќи свои проценки.

Ова беше прв состанок на групата пријатели на Енергетската заедница, со желба иницијативата да продолжи како традиција секоја година.

 
Click