Активности

Вторник, 2 декември 2014 година

Дваесет и шеста седница на Комисијата за финансирање и буџет 

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на денешната Дваесет и шеста седница, како матично работно тело, по скратена постапка, ги разгледа:

  1. Предлог-законот за задолжување на Република Македонија со заем кај Европската Банка за обнова и развој по Договорот за заем за финансирање на проектот „Изградба на нова и реконструкција на постојната делница Бељаковце–Крива Паланка - источниот дел од железничката пруга на Коридор VIII, фаза 2“;
  2. Предлог-законот за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на Програмата за национални патишта, кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој и Јавното претпријатие за државни патишта;
  3. Предлог-законот за изменување на Законот за задолжителни нафтени резерви.

Воведно образложение по Предлог-законите даде заменик-министерот за финансии, г. Ардиан Џељадини.

- По Предлогот на закон за задолжување на Република Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за финансирање на проектот „Изградба на нова и реконструкција на постојната делница Бељаковце–Крива Паланка–источниот дел од железничката пруга на Коридор VIII, фаза 2, г. Џељадини истакна дека Коридорот VIII е еден од десетте паневропски коридори, кој ги поврзува Јадранското и Црното Море. 

Коридорот VIII во Република Македонија започнува на границата со Република Бугарија, потоа преку Крива Паланка–Бељаковце–Куманово–Скопје–Кичево, завршува на границата со Република Албанија и истиот не е целосно изграден. 

Делот од Коридорот VIII кој поминува низ Република Македонија, е во должина од околу 313 км и се состои од источен, централен и западен дел. 

За воспоставување на источниот дел од железничкиот Коридор VIII, во наредниот период  треба да започне реализација на проектот „Изградба на нова и реконструкција на постојната делница Бељаковце-Крива Паланка-источниот дел од железничката пруга на Коридор VIII, фаза 2“. 

Проектот предвидува изградба на железничката пруга на Коридор VIII на делницата Бељаковце–Крива Паланка, вклучувајќи и реконструкција на постоечките делови од линијата, во вкупна должина од 34 км. 

Со изградба на оваа делница ќе заврши втората фаза за поврзување на пругата кон Република Бугарија, со што ќе се создадат поволни услови за насочување на економијата кон меѓународниот глобален пазар, потикнување на инвестициите, зголемување на бруто домашниот производ и просперитетот на националната економија.

Потребните средства за реализација на оваа инвестиција изнесуваат 145.000.000 евра, коишто ќе бидат обезбедени преку заем од ЕБОР. Дополнително, ЕБОР ќе обезбеди грант средства во износ од 670.000 евра за консултантска помош за имплементација на проектот и поддршка на компонентата за градење на капацитетите. За финансирање на надзорот на градежните работи во вкупен износ од 7.500.000 евра, Владата на Република Македонија обезбеди грант средства од инструментот Инвестициска рамка за Западен Балкан (ВБИФ) во износ од 3.000.000 евра, додека останатиот износ од 4.500.000 евра ќе се финансира со средствата од заемот од ЕБОР. Покрај тоа, со поддршка од ЕБОР преку ВБИФ обезбедени се грант средства во износ од 2.700.000 евра за изработка на основен проект.

- Во образложението на Предлогот на закон за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на Програмата за национални патишта, кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој и Јавното претпријатие за државни патишта, заменик-министерот Џељадини истакна дека Програмата за национални патишта, во износ од 160 милиони евра, ќе се финансира со заем од ЕБОР и ќе се реализира во две транши. 

Првата транша е во износ од 74 милиони евра, а втората транша ќе биде во износ од 86 милиони евра. 

Овој проект е дел од политиката на Владата на Република Македонија за подобрување на квалитетот на патната инфраструктура во Република Македонија. Имплементатор на проектот ќе биде ЈП за државни патишта. 
Реализацијата на Проектот ќе ги опфаќа следните делови:

1. Прва транша:

  • Дел А: Изградба на патниот правец на ниво на експресен пат, делница мост на р.Раец-клучка Дреново и реконструкција на патниот правец Штип–Кочани на ниво на експресен патДел Б:  Воспоставување на дигитална архива и електронски систем за набавка
  • Дел В: Консултантски услуги за Планот за управување со биолошка разновидност и Планот за управување со заштита/одржување на биолошка разновидност од изградба на патниот правец Раец–Дреново.

2. Втора транша:

  • Дел Г: Изградба на патните правци: експресен пат Охрид–Пештани и автопат Струга–Требеништа.

ЈП за државни патишта ќе може да започне со повлекување на првата транша од заемот, во износ од 74 милиони евра, по исполнување на условите за ефективност утврдени во Договорот за заем за Програмата за национални патишта. 

Втората транша, во износ од 86 милиони евра, ќе биде достапна за повлекување доколку се исполнат условите утврдени во Договорот за заем за Програма за национални патишта. 

По усвојувањето на Законот за гаранција од страна на Собранието на Република Македонија и неговото објавување во Службен Весник на Република Македонија, предвидено е склучување на: Договор за гаранција за финансирање на Програмата за национални патишта, кој ќе се склучи меѓу Република Македонија претставувана од Министерството за финансии и Европската банка за обнова и развој; Договор за заем за финансирање на Програмата за национални патишта, кој ќе се склучи меѓу ЈП за државни патишта и Европската банка за обнова и развој и Договор за регулирање на меѓусебните права и обврски меѓу Министерството за финансии и ЈП за државни патишта. 

Согласно Законот за јавен долг, во име на Владата на Република Македонија, министерот за финансии потпишува договор за издавање на гаранција кон странски заемодавач, како и договор за обезбедување на државна гаранција со субјектот во чие име е издадена, по претходно донесен закон за издавање на државна гаранција.

- Во однос на Предлогот на закон за изменување на Законот за задолжителни  нафтени резерви, заменик-министерот истакна дека во насока на усогласување на македонското законодавство со законодавството на ЕУ, Собранието на Република Македонија го донесе Законот за задолжителни нафтени резерви. 

Врз основа на член 56 од Законот за задолжителни нафтени резерви, истиот треба да отпочне да се применува сметано од 1 јануари 2015 година. 

Целта на предложениот закон е уште една година да се одложи неговата примена со што ќе се овозможи отстапување на нафтени резерви на корисници согласно постојниот закон кој сè уште е во сила, односно согласно членот 9-а според кој задолжителните резерви на нафтени деривати може да се користат и во кризни состојби, како и во други случаи кога постои итна потреба од нафтени деривати од страна на државни органи, јавни претпријатија, јавни установи и други правни лица и институции основани од државата што вршат дејност од јавен интерес и општините, за извршување на нивните активности утврдени со закон.

  • Во рокот утврден со Деловникот на Собранието, по трите Предлог-закони не беа поднесени амандмани од овластени предлагачи и Комисијата ги проследи на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.
Click