Активности

Четврток, 16 јули 2015 година

Дваесет и деветта седница на Комисијата за транспорт, врски и екологија

Комисијата за транспорт, врски и екологија на Собранието на Република Македонија, на денешното продолжение од 29. седница, како матично работно тело во второ читање го разгледа Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти. 

На седницата на Комисијата, во својство на претставник на Владата на Република Македонија, присуствуваше г. Ниметула Хаљими, заменик на министерот за транспорт, врски и екологија.

Претседателот на Комисијата, г. Реџаиљ Исмаили, ги извести пратениците дека во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, се поднесени 7 амандмани по Предлогот на законот.

Во претресот по амандманите учествуваа пратениците: г. Рамис Мерко, г-ѓа Лилјана Затуроска и заменик-министерот Хаљими.

Комисијата ги разгледа и претресе амандманите и притоа со по 7 гласа „за“ усвои три амандмани, поднесени од пратениците: г-ѓа Лилјана Затуроска, г. Благоја Деспотоски, г. Драган Данев, г. Рамис Мерко и г. Муса Ибраими. Преостанатите четири амандмани беа повлечени од страна на предлагачите – пратениците г. Рамис Мерко и г. Муса Ибраими.

Врз основа на членот 149 став 2 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Комисијата за транспорт, врски и екологија по Предлог-законот поднесе и со 7 гласа „за“ усвои два амандмани.

На крајот, Комисијата го проследи Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија. 
Click