Активности

Среда, 16 март 2016 година

Јавна расправа на тема: „Функционирање на Собранискиот канал“

Советот на Собранискиот канал денеска одржа јавна расправа на тема: „Функционирање на Собранискиот канал“, на која учествуваа пратениците на Собранието на Република Македонија и експерти од фелата.

Претседателката на Советот на собранискиот канал, Рената Дескоска во своето воведно излагање, за кое рече дека ќе зборува за свои лични впечатоци и ставови, ја објасни целта на јавната расправа, истакнувајќи дека сака да го поттикне отворањето на парламентот што е можно повеќе, за да може проблемите на Собранискиот канал да се споделат со стручната јавност. 

Таа истакна дека се соочила со немање волја кај владејачките партии Советот на собраниски канал да го направи Собранискиот канал поатрактивен, кој би бил предвесник на отворање на медиумите. Смета дека треба да се вложат сите напори за овој канал да биде поотворен и да биде симбол на отвореноста на Собранието. 

Сè уште е неусвоена програмата на Собраниски канал за 2016 година, уредувачката политика на Собранискиот канал е комплиментарна со уредувачката политика на МТВ, при донесување на програмата не биле прифатени предлозите на три политички партии.

Виолета Димовска, одговорен уредник на Собранискиот канал, посочи дека во 2006 година е потпишана спогодба за емитување на активности од Собранието на Собранискиот канал, директни преноси на пленарни седници и снимки од комисиски седници. 

Според неа, Советот на собраниски канал ја нема програмската и финансиската одредба, организираноста на медиумот, кој го сочинуваат 4 новинари и одговорниот уредник кои ги ангажира МТВ. 

Јавниот сервис ја дополнува програмата на Собранискиот канал сè до оној момент кога Собранието ќе го формира Собранискиот канал онака како што е потпишано во спогодбата.

Јасна Баџовска, професор на УКИМ, раководител на Одделот за новинарство на Правниот факултет во Скопје зборуваше за затвореноста на парламентот. Таа истакна дека јавната дебата е заборавена, тааа во Република Македонија е минимализирана.

Александар Спасов, доц. д-р на Правниот факултет, покрај анализите сподели и лично искуство од германскиот Бундестаг, каде работел како практикант. Тој истакна дека во Бундестагот има 2 канала, на едниот канал само се пренесуваат директни преноси од Бундестагот, без коментари за што се дискутира и кој дискутира. Додека на вториот канал Феникс, кој е заеднички канал на два јавни сервиса нема директни преноси освен кога има посебни и важни точки за расправа, има снимки од седниците со коментар од водителот и коментари од пратеници, има дебатни емисии и дуели, соочувања на лидерите.

Спомнато беше дека Собранискиот канал не ги извршува своите основни функции за кои постои, а тоа се да информира за сите политички случувања. Исто така се зборуваше и за употребата на јазиците на Собранискиот канал.

Во продолжение на јавната расправа се јавија за збор многумина од поканетите експерти од фелата кои искажаа дека се нема волја за функционирање на Собранискиот канал, истакнаа компаративни искуства од други земји и посочија дека недостасува дебата и дебатни емисии. 

Констатирано е дека пленарните седници се транспарентни, додека за работата на работните тела, комисиите не постои архива и не постојат записи од самите седници.

Се понудија различни модели на функционирање преку интернет презентирање на седниците, потоа формирање студио и кадровско екипирање во Собранието и измени во законските регулативи за подобро функционирање на Собранискиот канал и друго.

Click