Активности

Петок, 16 мај 2014 година

Аспирациите на Македонија за евроатлантска интеграција се можни само со одговорно однесување на сите актери во политичкиот живот

На денешната седница на Мониторинг комитетот на ПС на Совет на Европа се разгледа извештајот за претседателските и парламентарни избори во Македонија. Во дебатата, во која учествуваа известителот за Македонија Роберт Валтер, претседателот на Мониторинг комитетот Стефан Шенах, шефот на АЛДЕ групата Жорди Ксукла, шефот на групата на Социјалистите Андреас Грос, како и шефот на македонската делегација Александар Николоски, беше заеднички заклучено дека изборите беа слободни и демократски и слободно ја изразија волјата на граѓаните во Македонија. 

По расправата се усвои заедничка декларација во која се искажа загриженост за постапката на СДСМ да не ги прифатат пратеничките мандати и да не го признаат легитимитетот на претседателот Иванов. Исто така се осуди бојкотот на ДУИ на претседателските избори. Во декларацијата уште се вели дека аспирациите на Македонија за евроатлантска интеграција се можни само со одговорно однесување на сите актери во политичкиот живот. Беше потенцирано дека на изборите беа испочитувани фундаменталните слободи и кандидатите можеа слободно да водат кампања без опструкции, а граѓаните слободно да ја изразат својата волја. Исто така, се повика доколку има забелешки истите да се разгледаат со соодветните институции. Се потенцира дека Мониторинг комитетот се надева дека и опозицијата, како и власта, ќе се однесува одговорно кон довербата дадена од граѓаните и целосно ќе го исполни својот мандат преку учество во работата на Собранието.

На седницата беше формирана постизборна комисија составена од тројката Боб Валтер - известител за Македонија, Стефан Шенах - претседател на Мониторинг комитетот и Андреас Грос шеф на социјалистичката група чија цел е да ја посетат Македонија во следните два месеца и да укажат на опозицијата на ставовите на ПС на Советот на Европа и да ги повикаат да се вратат во Собранието и одговорно да се однесуваат.

Од страна на шефот на македонската делегација Александар Николоски сите овие активности беа оценети како добри и корисни, при што потенцира дека Македонија спроведе фер и демократски избори на кои граѓаните слободно ја изразија својата волја и го направија својот избор за пратеници и претседател на Република Македонија.

Click