Активности

Петок, 16 октомври 2015 година

Четириесет и петта седница на Комисијата за транспорт, врски и екологија 

Комисијата за транспорт, врски и екологија на Собранието на Република Македонија, на 45. Седница, одржана на 15 октомври 2015 година, како матично работно тело, во второ читање, ги разгледа:

  1. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за електронските комуникации;
  2. Предлог-законот за изменување на Законот за електронско управување;
  3. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за управување со отпадот;
  4. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина;
  5. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање;
  6. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работното време, задолжителните одмори на мобилните работници и возачите во патниот сообраќај и уредите за запишување во патниот сообраќај;
  7. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за внатрешната пловидба;
  8. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај;
  9. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за сигурност во железничкиот систем;
  10. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај;
  11. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за градежно земјиште;
  12. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за градежно земјиште. 

На седницата на Комисијата, во својство на претставници на Владата на Република Македонија, присуствуваа заменикот на министерот за информатичко општество и администрација, г-ѓа Марта Арсовска-Томовска; заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, г. Стево Темелковски и заменикот на министерот за транспорт и врски, г. Ниметула Хаљими.

- Претседателот на Комисијата, г. Реџаиљ Исмаили, ги извести пратениците дека во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, не се поднесени амандмани по Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за електрoнските комуникации, по Предлог-законот за изменување на Законот за електронско управување и по Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за градежно земјиште- заведен под архивски број 08-4302/1

- По Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за управување со отпадот беа поднесени 8 амандмани, од кои три од пратеникот Роза Топузова-Каревска, а пет од пратениците Томислав Тунтев, Дуфе Куковски и Хари Локвенец. Во претресот по амандманите учествуваа пратениците: Лилјана Затуроска, Роза Топузова Каревска, Томислав Тунтев и Благоја Деспотовски. Ниеден амандман не беше усвоен.

- Во однос на Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина, претседателот на Комисијата ги извести пратениците дека во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, се поднесени 14 амандмани по Предлог-законот, 5 од пратеникот Роза Топузова-Каревска и 9 од пратениците Томислав Тунтев, Дуфе Куковски и Хари Локвенец. Во претресот по амандманите учествуваа пратениците: Лилјана Затуроска, Роза Топузова-Каревска и Дуфе Куковски. Сите амандмани не беа усвоени од Комисијата.

- По Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање беа поднесени 8 амандмани од пратениците Томислав Тунтев, Дуфе Куковски и Хари Локвенец, кои со по 6 гласа „против“ не беа усвоени. Во претресот по амандманите учествуваше пратеникот Лилјана Затуроска. 

- Претседателот на Комисијата извести дека се поднесени 4 амандмани по Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за работното време, задолжителните одмори на мобилните работници и возачите во патниот сообраќај и уредите за запишување во патниот сообраќај, од страна на пратениците Томислав Тунтев, Дуфе Куковски и Хари Локвенец. Комисијата со по 6 гласа „против“, не ги усвои предложените амандмани. 

- Во врска со Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за градежно земјиште-заведен под архивски број 08-4303/1, беа поднесени 6 амандмани, еден од пратеникот Роза Топузова-Каревска и 5 од пратениците Томислав Тунтев, Дуфе Куковски и Хари Локвенец. Во претресот по амандманите учествуваа пратениците: Томислав Тунтев, Лилјана Затуроска и Роза Топузова Каревска, а Комисијата не ги усвои истите.

  • Комисијата ги проследи овие осум Предлог-закони на натамошна постапка во Собранието.  

- Во Дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за внатрешната пловидба, вградени се два амандмани поднесени од пратениците Лилјана Затуроска, Реџаиљ Исмаили, Драган Данев, Стојан Миланов, Благоја Деспотоски, Славе Гошев и Слаѓана Митовска. Осум амандмани од пратениците Томислав Тунтев, Дуфе Куковски и Хари Локвенец не беа усвоени; додека еден амандман од пратеникот Роза Топузова-Каревска не се усвои, а два беа повлечени.

- Во Дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за сигурност во железничкиот систем, вграден е еден амандман поднесен од пратениците Лилјана Затуроска, Реџаиљ Исмаили, Драган Данев, Стојан Миланов, Благоја Деспотоски, Славе Гошев и Слаѓана Митовска. Три амандмани поднесени од пратениците Томислав Тунтев, Дуфе Куковски и Хари Локвенец не беа усвоени, а три беа повлечени од пратеникот Роза Топузова-Каревска.

- Во Дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај, вграден е еден амандман поднесен од пратениците Лилјана Затуроска, Реџаиљ Исмаили и Рамис Мерко. Не беа усвоени седум амандмани поднесени од пратениците Томислав Тунтев, Дуфе Куковски и Хари Локвенец, додека беа повлечени од страна на пратеникот Роза Топузова-Каревска.

- Во Дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај, вграден е еден амандман поднесен од пратениците Лилјана Затуроска, Реџаиљ Исмаили и Рамис Мерко. Три амандмани од пратениците Томислав Тунтев, Дуфе Куковски и Хари Локвенец, не еба усвоени, а два беа повлечени од пратеникот Роза Топузова-Каревска.

Click