Активности

Петок, 5 февруари 2016 година

Четириесет и седма седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на 47. седница, одржана на 2 февруари 2016 година, како матично работно тело ги разгледа:

  1. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за технолошки индустриски развојни зони - II читање;
  2. Предлог-финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2016 година;
  3. Предлог-одлука за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход на носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2016 година. 

- Воведно образложение по Предлог-финансискиот план и Предлог-одлуката, даде претседателот на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, г. Димитар Петров. 

Тој истакна дека во предложениот финансиски план детално се презентирани планираните приходи и расходи на Регулаторната комисија за енергетика, врз основа на предвидените активности за 2016 година. 

Притоа, се предлага планираниот приход на Регулаторната комисија за енергетика за 2016 година да се оствари со наплата на надоместок пресметан со процент на зафаќање во висина од 0,052% од вкупниот приход на носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности и истиот е понизок од 0,1% од вкупниот приход на друштвата утврден со член 34 став 3 од Законот за енергетика. 

Во текот на 2016 година предвидени се две нови вработувања, зголемување на надлежностите на Регулаторната комисија за енергетика по однос на мониторинг и преселба во нова зграда каде што Комисијата ќе ги извршува своите активности. 

Приходот за 2016 година е проектиран во износ од 140.987.000.000 денари, според податоците добиени од Централниот регистар на Република Македонија врз основа на остварениот приход на лиценцираните компании во годината која што и претходи на годината кога се доставува финансискиот план за следната година.

Во претресот учествуваа пратениците: г. Марјанчо Николов, г. Стојко Пауновски и г. Крсто Мукоски.

Комисијата за економски прашања со пет гласа „за“ и три „против“ заклучи да му предложи на Собранието да го усвои следниот Заклучок:

  1. Собранието на Република Македонија го разгледа и усвои Предлогот на Финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2016 година.
  2. Овој заклучок заедно со Извештајот на Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија да се достави до Владата на Република Македонија, Министерството за економија и Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија.

- Во воведното образложение по Предлог-одлуката, г. Петров истакна дека одлуката за процентот на зафаќање од вкупните приходи на компаниите кои што извршуваат енергетска дејност и имаат соодветни лиценци од Регулаторната комисија за енергетика произлегува од планираните средства во Финансискиот план и од планираните приходи. Надоместокот кој што е предвиден за 2016 година е врз основа на податоците од Централниот регистар за вкупниот приход на компаниите кои што извршувале енергетска дејност и е проектиран да изнесува 0,052%. 

Комисијата за економски прашања со пет гласа „за“ и три „против“ заклучи да му предложи на Собранието да ја разгледа и донесе Одлуката.

- Што се однесува на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за технолошки индустриски развојни зони, изготвен е дополнет предлог во кој ќе бидат вградени трите усвоени амандмани од овластените предлагачи. 

Click