Активности

Понеделник, 21 декември 2015 година

Четириесет и трета седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на денешната 43.седница, како матично работно тело, во прво читање, ги разгледа:

  1. Предлог-законот за дополнување на Законот за трговските друштва;
  2. Предлог-законот за дополнување на Законот за енергетика (поднесен од: Рената Дескоска, Софија Куновска, Стефан Богоев, Лидија Димова, Петре Шилегов, Љубиша Николиќ, Благоја Стојановски, Марјанчо Николов, Ален Георгијев, Јагода Шахпаска, Миле Андонов, Мира Стојчевска, Хари Локвенец, Панче Орцев, Бетиане Китев, Сашо Поцков, Милева Ѓоргиева, Горан Сугарески, Марјан Даскаловски, Васко Ковачевски, Томислав Тунтев, Билјана Настеска, Јован Митрески, Јулијана Силјановска, Стојко Пауновски, Горан Мисовски, Љубомир Јосифовски, Соња Мираковска, Горан Милевски, Дуфе Кукоски и Енес Ибрахим);
  3. Предлог-законот за дополнување на Законот за енергетика (поднесен од: Павле Трајанов и Лилјана Поповска).

- Воведно образложение по Предлогот на закон за дополнување на Законот за трговските друштва даде г-ѓа Анета Димовска, државен секретар во Министерството за економија. 

Таа истакна дека со Законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва, воведена е одредба во членот 197 со која се забранува содружниците кои должат по основ неплатени даноци, царини и придонеси да не можат да купуваат, ниту да вршат пренос на удели во своето, ниту во други трговски друштва. Согласно Законот, забраната започна да се применува од 1 јануари 2015 година. 

Во врска со примената на оваа одредба, реакција има од страна на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, кој се јавува во својство на содружник во Трговско радиодифузното друштво Радио Свети Николе ДОО Свети Николе, кој како содружник должи по основ неплатени придонеси за здравствено осигурување, поради што не е во можност да изврши промена во сопственоста на уделот во ова друштвo. 

Врз основа на барањето од Фондот, Владата на Република Македонија, на седница одржана на 28.10.2015 година, донесе заклучок со кој Министерството за економија е задолжено во соработка со Министерството за финансии и Секретаријатот за законодавство, да ја преиспитаат примената на одредбата од членот 197 став 7 од Законот за трговските друштва, со цел решавање на проблемот со кој се соочува Фондот и другите државни органи и институции, кои се јавуваат како содружници во друштва со ограничена одговорност и друштва со ограничена одговорност на едно лице, како сопственици на удели стекнати по основ на закон и да предложат соодветни измени на Законот за трговските друштва. 

Целта на Предлог-законот е воведување исклучок од примената на одредбата од членот 197 став 7 од Законот за трговските друштва. 

Во претресот учествуваше пратеникот Миле Андонов. 

- Воведно образложение по вториот Предлог на закон даде  претставникот на предлагачите, пратеникот г. Васко Ковачевски. 

Тој истакна дека целта на предложеното законско решение е да се заштитат исклучените потрошувачи на топлинска енергија во колективните објекти за домување каде распределбата на надоместокот се врши преку еден колективен мерен уред на топлинска енергија, од плаќање на какви било надоместоци за топлинска енергија. 

Предлогот на законот не предизвикува никакви фискални импликации врз Буџетот на Република Македонија. Во изминатиот период од група на граѓани, а и од  Здружение на граѓани до Собранието на Република Македонија биле поднесени слични законски решенија. Граѓаните се обврзани да плаќаат одреден процент од 30% или 50% за нешто што не го користат. Поради тоа тие имаат поведено и судски постапки, за што истите се изложени на дополнителни трошоци.  

Со ова законско решение ќе им се овозможи на група граѓани, кои поради немање доволно финансиски средства или од други причини, не се во можност или пак не сакаат да користат топлинска енергија од заедничкиот систем, да не плаќаат никаков надоместок. 

Беше изразено незадоволство во однос на Мислењето од Владата на Република Македонија по однос на овој Предлог на закон, бидејќи истото е спротивно на барањата од предлагачите на законот како и на барањата од граѓаните. 

Во расправата учествуваа пратениците: Зоран Илиоски, Васко Ковачевски, Лилјана Поповска, Лилјана Кузмановска, Миле Андонов, Сашо Аќимовски, Љупчо Димовски и Марјанчо Николов.
Комисијата за економски прашања со два гласа „за“ и пет „против“ заклучи дека овој Предлог-закон е неприфатлив и не може да се даде на натамошно читање.

- Во однос на третата точка, воведно образложение по поднесениот Предлог на закон даде претставникот на предлагачите, пратеникот г. Павле Трајанов. 

Тој истакна дека целта на предложеното законско решение е да се ослободат граѓаните кои се исклучиле од системот на централно греење од обврска за плаќање на надоместок за топлинска енергија. Не постои пракса во ниедна земја со правила за користење на топлинска енергија да се создаваат законски обврски за граѓаните. Од правен аспект, не е можно да им се наложи на граѓаните обврска да плаќаат надоместок за услуга која што не ја користат.

Во Република Македонија функционира пазарна економија, според која тој што користи одредена услуга треба за истата да си плаќа одреден надоместок. Основните судови во одредени градови на Република Македонија почнаа да донесуваат индивидуални одлуки со кои ги ослободуваат граѓаните кои се исклучиле од системот да плаќаат надоместок. Моменталната состојба овозможува бранење на интересите на монополскиот снабдувач со топлинска енергија. 

Во расправата учествуваше пратеникот г-ѓа Лилјана Поповска. 

  • Комисијата за економски прашања едногласно заклучи дека Предлог-законот за дополнување на Законот за трговските друштва е прифатлив и може да се даде на натамошно читање, додека со по два гласа „за“ и по пет „против“ заклучи дека двата Предлог-закони за дополнување на Законот за енергетика, се неприфатливи и не може да се дадат на натамошно читање.
Click