Активности

Петок, 11 декември 2015 година

Четириесет и втора седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија на  вчерашната Четириесет и втора седница, како матично работно тело, го разгледа Предлогот на закон за дополнување на Законот за технолошки индустриски развојни зони, поднесен од пратениците Александар Николоски, Драган Цуклев и Реџаиљ Исмаили (по скратена постапка).

Воведно образложение по поднесениот Предлог на закон даде претставник на предлагачите, пратеникот Александар Николоски. 

Тој истакна дека Предлог на законот содржи решение со кое се уредува постапка со која корисник на зоната кој има склучен договор за закуп на градежно земјиште да може да пренесе сопственост на објект и други облигациони обврски и права кои произлегуваат од договорот за закуп на градежно земјиште во зоната на иден корисник на зона, кој е должен да ја отпочне дејноста во рамките на роковите предвидени со Законот. 

Со предложеното дополнување покрај влегувањето на нов корисник се овозможува постојниот корисник да може да продолжи да ја врши дејноста за која има склучен договор за вршење на дејност. 

Целта на Предлог на законот е подобрување на условите за инвестирање и работа во рамки на зоните, заради привлекување странски и домашен капитал, зголемување на конкурентноста и зголемување на вработувањето.

Во рокот утврден со Деловникот на Собранието на Предлог на законот не беа поднесени амандмани од овластени предлагачи.

Во претресот учествуваа пратениците: Марјанчо Николов, Драган Цуклев, Миле Андонов и Љупчо Димовски.

На крајот од расправата, Комисијата го проследи Предлог на законот на натамошна постапка во Собранието. 

Click