Активности

Среда, 23 јули 2014 година

Четврта седница на Комисијата за транспорт, врски и екологија

Комисијата за транспорт, врски и екологија на Собранието на Република Македонија, на Четвртата седница, одржана на 21 јули 2014 година, како матично работно тело разгледа пет Предлог-закони:

1. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти - II читање;

2. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за градење - II читање;

3. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај - II читање;

4. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работното време, задолжителните одмори на мобилните работници и возачите во патниот сообраќај и уредите за запишување во патниот сообраќај - I читање;

5. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за железничкиот систем - I читање.

На седницата на Комисијата, во својство на претставник на Владата на Република Македонија, присуствуваше заменик-министерот за транспорт и врски, г. Ниметула Халими.

По Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за градење, беа изготвени Дополнети предлог-закони.

Во Дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти е вграден усвоениот Амандман поднесен од пратеникот Светлана Јакимовска. Амандманот од пратеникот Роза Топузова-Каревска беше повлечен.

Во Дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за градење се вградени  4 усвоените амандмани, и тоа еден Амандман поднесен од пратеникот Силвана Бонева и три Амандмани поднесени од пратениците: Лилјана Затуроска, Реџаиљ Исмаили, Илија Димовски, Славе Гошев, Благоја Деспотоски, Фатмир Имероски, Авдија Пепиќ, Стојан Миланов, Слаѓана Митовска, Рамис Мерко и Ејуп Рустеми.

Претседателот на Комисијата за транспорт, врски и екологија, г. Реџаил Исмаили, ги извести пратениците дека во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, не се поднесени амандмани по Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај. Комисијата го проследи овој Предлог-закон на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

Во образложението по Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за работното време, задолжителните одмори на мобилните работници и возачите во патниот сообраќај и уредите за запишување во патниот сообраќај и Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за железничкиот систем, претставникот на Владата ја нагласи потребата за донесување на законот, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законот.

Комисијата во однос на овие два Предлог-закони едногласно го усвои следниот Заклучок:

  • Комисијата врз основа на член 142 од Деловникот на Собранието на Република Македонија констатира дека Предлог-законите се прифатливи и треба да се дадат на натамошно читање.
Click