Активности

Четврток, 14 мај 2015 година

Јавна расправа по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за библиотеките

Во рамките на 13. седница, Комисијата за култура денеска одржа Јавна расправа по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за библиотеките.

На јавната расправа беа поканети претставници од сите установи во Република Македонија од областа на библиотечната дејност кои се директно засегнати со Законот за библиотеките и нивната секојдневна работа подразбира примена на одредбите од овој закон.

Претседателот на Комисијата за култура, Силвана Бонева, истакна дека оваа Комисија стекна пракса со организирање јавни расправи пред да се донесат законите од областа на културата, со цел да се слушнат коментарите од страна на субјектите кои се директно вклучени во имплементацијата на овие закони, како и да обезбеди поголема транспарентност во работата на Собранието на Република Македонија. 

Министерот за култура, г-ѓа Елизабета Канческа-Милевска, исто така ја поздрави иницијативата на Комисијата за култура за органзирање јавни расправи, при што посочи дека во интерес на министерството е да ги слушне коментарите и сугестиите на предложеното законско решение.

Во дискусијата по однос на Предлог-законот учествуваа Магдица Шамбевска од НУ Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ Скопје, Благој Николов од Библиотекарското здружение на Македонија и Иванка Соколова од Општинска народна библиотека „Браќа Миладиновци“ Радовиш, кои дадоа конструктивни коментари, мислења и предлози во насока на допрецизирање и подобрување на предложените одредби.


Click