Активности

Понеделник, 1 декември 2014 година

„Да ставиме крај на насилството врз жените и девојчињата – сега“

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на Собранието на Република Македонија, во соработка со Министерството за труд и социјална политика, денеска  одржа јавна расправа  на тема: „Акцискиот план за спроведување на препораките од Комитетот за правата на жените (КПЖ) во однос на спроведувањето на Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените“.

Јавната расправа се одржа во рамките на глобалниот повик за активизам „Направи го твоето соседство портокалово“, кој годинава се одржува преку повикот „Да ставиме крај на насилството врз жените и девојчињата – сега“. 

Глобалната кампањата на Обединетите нации трае од 25 ноември до 10 декември 2014 година,кога е Денот на човековите права.

На јавната дискусија, од страна на претставници на надлежни институции, се даде краток преглед на активностите кои се спроведоа во согласност со дадените препораки на Комитетот  за правата на жените.

Јавната расправа се одржа како остварување на една од препораките на Комитетот, каде што се препорачува запознавање на пратениците со овој документ. 

Покрај членовите и заменик-членовите на Комисијата, на јавната расправа присуствуваа и претставници на Министерствата за труд и социјална политика, внатрешни работи и здравство на Република Македонија, претставници на локалните комисии за еднакви можности, Un Women, УНДП, НДИ, како и претставници на НВО секторот од оваа област.  

По дискусијата беа донесени следните заклучоци:

1. КЕМ ги поздравува сите активности кои досега ги презедоа институциите на национално и локално ново, како и претставниците на експертската јавност и НВО-секторот, а кои водат кон подобрување на  статусот на жените во Македонија.

2. КЕМ смета дека акцискиот план е добра основа за подобрување на статусот на жените во Република Македонија.

3. КЕМ препорачува во акцискиот план  да се вклучат и следниве активности:        

  • Во областа „Насилство врз жените“:

- Зголемување на мрежата  на социјални работници, психолози и други стручни лица во социјалните и образовните институции на национално и локално ниво;    

- Зголемување на бројот на прифатилишта, советувалишта и други центри поврзани со борбата со семејно насилство.

  • Во областа „Еднакви можности и антидискриминација“:

- Зајакнување на едукацијата за потребата од родова еднаквост на сите нивоа, почнувајќи од градинките, преку сите степени на образование, завршувајќи со високото и родовите студии;

- Зајакнување на родовата статиcтика.

  • Во областа „Медиуми“:

- Медиумска кампања против дискриминација, стереотипи и предрасуди, со вклучување на јавни личности од двата пола.                     

Click