Активности

Четврток, 9 април 2015 година

Деветнаесетта седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието на Република Македонија, на 19. Седница, одржана на 7 април 2015 година, како матично работно тело, ги разгледа:

  1. Предлогот на законот за изменување на Законот за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост (второ читање);
  2. Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделското земјиште (прво читање);
  3. Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на храната (прво читање);
  4. Предлогот на законот за престанување на важењето на Законот за водните заедници (прво читање).

На седницата на Комисијата, во својство на претставници на Владата на Република Македонија, присуствуваа: г. Ванчо Костадиновски, заменик на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство и г. Зоран Поповски, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Претседавачот на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство, пратеникот г. Ромео Тренов, ги извести пратениците дека во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, не се поднесени амандмани по Предлогот на законот за изменување на Законот за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост.

Во дискусијата по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделското земјиште учествуваа пратениците: г. Љупчо Димовски, г. Ромео Тренов, г. Никола Мицевски и г-ѓа Олга Најденовска. 
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство во својата дискусија истакна дека со Законот за измени и дополнувања на Законот за безбедност на храната се врши усогласување со Регулативата бр.1169/2011, се врши допрецизирање на одредбите во врска со информациите за храната кои треба да се обезбедат за крајните потрошувачи, како и одговорноста на операторите со храна во однос на  информациите поврзани со содржината на храната, односно означувањето на храната. 

Се разработува проблематиката во врска со нутритивните и здравствените тврдења, општите здравствени тврдења, како и здравствените тврдења за намалување на ризикот од болест и здравствени тврдења кои се однесуваат на растот и развојот на децата и нивното здравје, додатоците на исхрана, храна за посебна нутритивна употреба и збогатена храна. 

Во однос на мониторингот за безбедноста на храната и храната за животни, се врши детално утврдување на барањата за вршење на истиот. Со Предлог-законот се предвидува формирање на Комитет за внатрешна ревизија на официјалните контроли, а со цел независен надзор на внатрешната ревизија на официјалните контроли. 

Исто така, се уредува работата на лабораториите во однос на вршењето на лабораториски испитувања и анализа на храната и храната за животни, како и материјалите и предметите што доаѓаат во контакт со храната. 

Се врши допрецизирање на начинот, постапката и интензитетот на вршење на официјални контроли при увоз на храна и храна за животни и се обезбедува правна рамка за воспоставување на Национален совет за безбедност на храна и храна за животни, како и воспоставување на мрежа за собирање на податоци и база на податоци. 

Се доуредуваат прекршочните одредби, како и подобрување на текстот на законот. Решенијата содржани во одредбите се со заедничка цел за подобрување на заштитата на здравјето на населението.

Со транспонирање на Регулативата бр.1169/2011 на Европскиот парламент ќе се постигне усогласеност на националното законодавство од областа на означувањето на храната, односно информирањето на потрошувачите во однос на составот на храната со најновите европски трендови.

Во дискусијата по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на храната, учествуваа пратениците: г-ѓа Соња Талевска и г-ѓа Шпреса Хадри, а г. Никола Мицевски по Предлогот на законот за престанување на важењето на Законот за водните заедници.

На крајот од расправата, Комисијата ги проследи горенаведените Предлог-закони на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија. 

Click