Активности

Петок, 13 февруари 2015 година

Дваесет и прва седница на Комисијата за транспорт, врски и екологија

Комисијата за транспорт, врски и екологија на Собранието на Република Македонија,  на 21. седница, одржана на 11 февруари 2015 година, како матично работно тело, во прво читање, ги разгледа:

  1. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина;
  2. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за градење;
  3. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за комуналните дејности;
  4. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законoт за просторно и урбанистичко планирање;
  5. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај;
  6. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавните патишта;
  7. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавна чистота;
  8. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за електронските комуникации;
  9. Предлог-законот за изменување на Законот за градежно земјиште.

На седницата, во својство на претставници на Владата на Република Македонија, присуствуваа: заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, г. Стево Темелковски; заменик-министерот за транспорт и врски, г. Ниметула Хаљими и министерот за информатичко општество и администрација, г. Иво Ивановски; кои во образложенијата по Предлог-законите ја нагласија потребата за нивно донесување, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законите.

Во дискусијата по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина, учествуваше пратеникот г-ѓа Лилјана Затуроска, при што нагласи дека тој е инициран од потребата за усогласување со Законот за основање на државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, Законот за инспекциски надзор и Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност.

Со измените се врши допрецизирање за поефикасна имплементација на терен. Се прецизира дека заради управување со податоците што ја детектираат состојбата на животната средина на територијата на Република Македонија кои се од исклучителна важност како за зачувувањето и унапредувањето на животната средина, така и за заштита на здравјето на граѓаните.

Со предложените измени, Националната листа на показатели се преименува во Национална листа на параметри, а Министерството за животна средина и просторно планирање е должно на својата интернет-страница да објавува и одржува листа на субјекти кои поседуваат или за кои се поседуваат информациите, а кои се однесуваат на животната средина. Исто така, вклучени се измени и во делот на финансирањето.

Пратеникот Затуроска учествуваше и во дискусијата по Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање. Притоа, ја потенцираше измената која е значајна при процесот на забрзување на изградбата на една градинка за која има потреба од детален урбанистички план.

Со измените во член 51 е прецизирано дека еден Архитектонско-урбанистичкиот проект може да формира посебни градежни парцели со урбанистичко градежно решение за секоја градежна парцела со наведени услови за дозвола. Дозволено е кога во деталниот урбанистички план е формирана градежна парцела со површина од минимум пет хектари во кој е предвидена изградба на градби со намена за А – домување. Со сегашните дополнувања се предвидува кога во деталниот урбанистички план е формирана градежна парцела со намена за Б1 – образование и наука, согласно стандардите и нормативите на урбанистичкото планирање, да може да се формира посебна градежна парцела на која може да се изгради објект детска градинка.

Во врска со Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за јавна чистота, пратеникот Затуроска истакна дека со истиот се создаваат обврски за сопствениците на локации на неизградено градежно земјиште во централните градски подрачја да ја одржуваат јавната чистота, како и забрана за фрлање и оставање на смет на ова земјиште. Воедно, укажа дека  Министерството за транспорт и врски е потребно правно да ја регулира можноста сопствениците на локации на неизградено градежно земјиште да ја преземат одговорноста за чистење на ненаселените површини коишто се наоѓаат надвор од централното градско подрачје.

Претседателот на Комисијата, г. Реџаиљ Исмаили и пратеникот г. Стојан Миланов зедоа учество во дискусијата по Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за градење.

Во дискусијата по Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај учествуваа пратениците: г. Ејуп Рустеми, г. Реџаиљ Исмаили, г. Фатмир Имероски, г-ѓа Лилјана Затуроска и заменик-министерот Хаљими, при што во фокусот беше членот 6, каде што зборовите „комби возила со најмалку девет седишта (8+1)“ се заменуваат со зборовите „автобус со најмалку 16+1 седиште“.

По Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за електронските комуникации, дискутираа пратениците: г. Ејуп Рустеми, г. Благоја Деспотовски, г-ѓа Мирсада Емини-Асани, како и министерот Иво Ивановски, кој истакна дека со сегашните измени и дополнувања се интервенира само кај бројот на сертификати, додека психолошкиот тест е значаен механизам и важи за директорот на Агенцијата за електронски комуникации.

» » » Комисијата во однос на сите девет Предлог-закони го усвои следниот Заклучок:

  • Комисијата врз основа на член 142 од Деловникот на Собранието на Република Македонија констатира дека Предлог-законот е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.
Click