Активности

Четврток, 11 јуни 2015 година

Дваесет и шеста седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието на Република Македонија, на денешната 26. седница, како матично работно тело, во скратена постапка, го разгледа Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделското земјиште.

На седницата на Комисијата, во својство на претставник на Владата на Република Македонија, присуствуваше г. Ванчо Костадиновски, заменик на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, кој ја нагласи потребата за донесување на законот, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законот.

Претседавачот на Комисијата, г. Ромео Тренов, ги извести пратениците дека во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, не се поднесени амандмани по Предлог-законот.

Во дискусија по Предлог-законот учествуваа пратениците: г. Ромео Тренов, г. Реџаиљ Исмаили, г. Љупчо Димовски, г-ѓа Светлана Јакимовска и г. Ѓоко Камчев.

Пратениците, во своите дискусии, го искажаа ставот со кои даваат поддршка за донесување на овој Предлог-закон. Дел од нив дадоа и забелешки со кои побараа да се предложи од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, односно Владата на Република Македонија, во наредната измена на овој закон да предложи утврдување на пречистен текст на истиот.

По расправата, Комисијата го проследи овој Предлог-закон на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија. 

Click