Активности

Петок, 8 мај 2015 година

Дваесет и трета седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на  Дваесет и третата седница, одржана на 6 мај 2015 година, како матично работно тело ги разгледа: 

  1. Годишниот извештај за работата на Комисијата за заштита на конкуренцијата во 2014 година;
  2. Годишниот извештај за работата на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија во 2014 година.  

Воведно образложение на Годишниот извештај за работата на Комисијата за заштита на конкуренцијата во 2014 година, даде претседателот на Комисијата за заштита на конкуренцијата, г. Благој Чурлинов.

Тој истакна дека во Годишниот извештај се содржани детални информации за извршување на надлежностите од Законот за заштита на конкуренцијата и Законот за контрола на државната помош, како и детални информации за материјално- финансиското работење на Комисијата за заштита на конкуренцијата. 

Во остварување на своите надлежности Комисијата води управни и прекршочни постапки за утврдените повреди на одредбите од Законот за заштита на конкуренцијата и изрекува глоба како прекршочна санкција, согласно одредбите со Законот за прекршоци.

Врз основа на расправата, Комисијата едногласно заклучи да му предложи на Собранието да го усвои следниот Заклучок:

1. Собранието на Република Македонија го разгледа и го усвои Годишниот извештај за работата на Комисијата за заштита на конкуренцијата во 2014 година.

2. Овој заклучок заедно со Извештајот на Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија да се достави до Владата на Република Македонија, Министерството за економија и Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Во однос на Годишниот извештај за работата на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија во 2014 година, образложение даде претседателот на истата, г. Димитар Петров. 

Тој истакна дека овој Годишен извештај содржи детални податоци за извршување на надлежностите на Регулаторната комисија за енергетика согласно Законот за енергетика како и за материјално-финансиското работење во 2014 година. 

Посебно внимание е посветено на состојбата на пазарот на енергија, изготвување на цените и тарифите во 2014 година и изготвување на регулативата за меѓународните активности на комисијата. 

Во текот на 2014 година успешно e имплементиран системот за управување со квалитет којшто е компатибилен со меѓународниот стандард ISO 9001. Во делот на пазарот на електрична енергија, прикажани се податоци коишто се доставени од страна на производителите на електрична енергија, дистрибутивните оператори ЕВН Македонија и АД ЕЛЕМ за нивните развојни планови. Исто така, во 2014 година започнат е и вториот дел од процесот на либерализација на пазарот на електрична енергија на што претходело изготвувањето на подзаконските акти, како што се пазарните правила изработени од Регулаторнара комисија за енергетика. На 1 април 2014 година, 220 компании се стекнале со статус на слободни (квалификувани) купувачи на електрична енергија, при што основни критериуми биле компаниите да имаат над 50 вработени и 10 милиони евра обрт на капитал во текот на изминатата година, додека на 1 јули 2014 година со ваков статус се стекнала уште 31 компанија врз основа на новиот список којшто е објавен од Централниот регистер на Република Македонија.

Во претресот учествуваа пратениците Реџаиљ Исмаили и Љупчо Димовски.

Врз основа на расправата, Комисијата едногласно заклучи да му предложи на Собранието да го усвои следниот Заклучок:

1. Собранието на Република Македонија го разгледа и усвои Годишниот извештај за работата на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија во 2014 година.

2. Овој заклучок заедно со Извештајот на Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија да се достават до Владата на Република Македонија, Министерството за економија и Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија.

Click