Активности

Понеделник, 16 март 2015 година

Дваесет и трета седница на Комисијата за транспорт, врски и екологија

Комисијата за транспорт, врски и екологија  на Собранието на Република Македонија, на 23. седница одржана на 12 март 2015 година, како матично работно тело, ги разгледа:

  • Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за продажба и давање под закуп на деловни згради и деловни простории на Република Македонија - I читање;
  • Годишната програма за работа и развој на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор за 2015 година;
  • Предлог на закон за прогласување на локалитетот парк-шума Гази Баба за парк на природата поднесен од пратениците: Олга Најденовска, Талат Џафери, Илија Димовски, Светлана Јакимовска и Александар Николоски - II читање;
  • Финансискиот план на Македонската радио-телевизија за 2015 година, со пропратните документи;
  • Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за управување со отпадот - I читање;
  • Годишна програма за работа на Агенцијата за пошти за 2015 година.

На седницата на Комисијата во својство на претставници на Владата на Република Македонија присуствуваа министерот за транспорт и врски, г. Миле Јанакиески и г. Стево Темелковски, заменикот на министерот за животна средина и просторно планирање.

Во образложенијата по Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за продажба и давање под закуп на деловни згради и деловни простории на Република Македонија и Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за управување со отпадот претставниците на Владата ја нагласија потребата за донесување на законите, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законите.

Во дискусијата по Предлогот на законот учествуваа пратениците Стојан Миланов и Роза Топузова - Каревска.

На крајот од расправата, Комисијата заклучи дека Предлог законите се прифатливи и треба да се дадат на натамошно читање.

Годишната програма за работа и развој на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор за 2015 година и Годишна програма за работа на Агенцијата за пошти за 2015 година ја образложија, г. Никола Костадиновски, директор на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор и Влатко Атанасоски, директор на Агенцијата за пошти.

Во расправата за работа и развој на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор за 2015 година учествуваа пратениците Лилјана Затуроска и Благоја Деспотоски и директорот Никола Костадиновски.

Комисијата му предлага на Собранието да донесе Одлука за одобрување на Годишните програми.

Претседателот на Комисијата, г. Реџаиљ Исмаили ги извести пратениците дека во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието, не се поднесени амандмани по Предлог на закон за прогласување на локалитетот парк-шума Гази Баба за парк на природата.

Комисијата, Предлог на законот го проследи на натамошна постапка во Собранието.

Во одонос на Финансискиот план на Македонската радио-телевизија за 2015 година, со пропратните документи претседателот на Комисијата, г. Исмаили  ги извести пратениците  дека во членот 106 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги меѓудругото е утврдено дека МРТ е должна да донесе Годишна програма за работа за наредната година и да ја достави до Собранието на Република Македонија. 

Годишната програма особено треба да содржи: 

  • програма  за  работа  за  наредната  година  со  планирани  активности  особено за исполнување на програмските обврски на МРТ согласно со овој закон и 
  • финансиски план за нaредната година кој ги содржи планираните приходи и расходи на МРТ за наредната година групирани по структура и по организацона структура на МРТ, како и предвидените капитални инвестиции на МРТ за наредната година.  Исто така претседателот на Комисијата  извести дека согласно членот 106  став 4 од Законот за аудио и аудиовизуелни медикумски услуги  Финансискиот план на МРТ го одобрува Собранието на Република Македонија.

На седницата на Комисијата во својство на претставник на Македонската радио- телевизија присуствуваше г-ѓа Снежана Клинчарова претседател на програмскиот Совет на Македонската радио- телевизија и го образложи Финансискиот план заедно со пропратните документи.

Во расправата по Финансискиот план на Македонската радио-телевизија за 2015 година учествуваа пратениците: г. Реџаиљ Исмаили, г-ѓа Лубица Буралиева, г. Муса Ибраими и г. Благоја Деспотоски.

Комисијата со 7 гласа ,,за” и 1 глас воздржан му предлага на Собранието да донесе Одлука за одобрување на Финансискиот план на Македонската радио-телевизија за 2015 година.

Click