Активности

Понеделник, 10 ноември 2014 година

Дваесетта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на  Дваесеттата седница, одржана на 6 ноември 2014 година, како матично работно тело, во прво читање, ги разгледа:

  1. Предлог-законот за вршење на работи за застапување во царинските постапки;
  2. Предлог-законот за изменување и дополнување за Законот за користење и располагање со стварите на државните органи;
  3. Предлог-законот за претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на платени обврски кон странски кредитори во траен влог во ЈП МЖ Инфраструктура Скопје.

Воведно образложение по Предлог-законите даде заменикот на министерот за финансии, г. Ардиан Џељадини. 

- Тој истакна дека основна цел на Предлогот на закон за вршење на работи за застапување во царинските постапки е да се уреди правната материја поврзана со вршењето на работите на застапување во царинските постапки од страна на овластените царински застапници и лиценцираните застапници. 

Се уредуваат условите и постапката за издавање на  одобрение и лиценца за вршење на работи на застапување пред царинските органи заради спроведување на дејствија и формалности пропишани со царинските прописи, условите и постапката за полагање на стручен испит за лиценциран застапник, начинот на кој се спроведува контролата над работата на овластените царински застапници и лиценцираните застапници, како и видот на евиденциите кои се водат, а воедно се пропишуваат и прекршоци со соодветни глоби за непочитување на законските одредби. 

Се пропишуваат дополнителни услови, како што е располагање со деловен простор и опрема за вршење на застапување во царински постапки соодветнa за пристапување до компјутерскиот систем на Царинската управа и приложување на гаранција со која овластениот царински застапник ќе го гарантира исполнувањето на обврските кои може да произлезат од вршењето на застапување.  

За издавање на лиценца за вршење на застапување, лиценцираните застапници задолжително треба да имаат познавање на англиски јазик, а се воведува и обврска за посетување на дополнителна обука еднаш годишно. 

Во делот на полагањето на стручниот испит на лиценциран застапник, се воведува задолжително посетување на претходна обука и добивање на соодветно уверение, како и дополнување на тематските области по кои се полага испитот со транзитна постапка и основи на царинската терминологија на англиски јазик. 

Во делот на прекршочните одредби, се пропишани прекршоци кои според дејствието на извршување целосно се разликуваат од прекршоците опфатени со Царинскиот закон. 

Царинската управа ќе се определи како надлежен орган за издавање на лиценци за застапување во царинските постапки, ќе се пропише начинот и условите за добивање и укинување на одобрение и лиценца за застапување во царинските постапки, ќе се дефинираат правата и обврските на царинските застапници, ќе се предвиди задолжителна проверка на знаењето на лиценцираните застапници и ќе се определат казнени одредби. 

Во расправата учествуваше пратеникот Лилјана Кузмановска. 

- Во однос на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за користење и располагање со стварите на државните органи, г. Џељадини истакна дека со него се врши подобрување на постапката за електронско јавно наддавање и нејзино прилагодување на холандскиот модел на аукции, начинот на пријавување на понудувачите и потребните документи за поднесување на пријави за учество. 

Имено, со оваа измена се менува начинот на продажба и давање под закуп на недвижни ствари, односно наместо досегашниот модел за одредување на цената по метар квадратен, ќе се користи вкупната цена на недвижната ствар која е предмет на продажба или давање под закуп. 

Наместо досегашната обврска понудувачите да достават депозит во висина од 2 до 5% од почетната вредност на јавното наддавање, се воведува обврската за доставување на банкарска гаранција за сериозност на понудата во висина од 2% од почетната вредност на јавното наддавање. 

Притоа со измените се предвидува и изрекување на забрана за учество во постапките за јавно наддавање за продажба или давање под закуп на деловни простории на понудувачот кој во рок од 15 дена нема да ги уплати средствата за недвижната ствар. Со оваа измена на законот се предвидува поднесувањето на пријавите да се врши исклучиво по електронски пат.

Исто така, со измената на Законот се допрецизираат и се дополнуваат одредбите кои се однесуваат на постапката за набавка и продажба на недвижни ствари, во случаите кога се предвидуваат посебни услови за стварта што се набавува, односно услови што треба да ги исполнува идниот купувач на стварта. При постоење на овие посебни услови, во текот на постапката за набавка или продажба, задолжително ќе се прибавува мислење од Советот за јавни набавки доколку пет или помалку од пет домашни или странски субјекти можат да ги исполнат условите од огласот. 

Во претресот учествуваше пратеникот Владанка Авировиќ.

- Во образложението на Предлогот на закон за претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на платени обврски кон странски кредитори во траен влог во ЈП МЖ Инфраструктура Скопје, заменик-министерот Џељадини истакна дека со член 118 од Законот за железнички систем е утврдено дека средствата за финансирање на постојната железничка инфраструктура се обезбедуваат од надоместокот за користење на железничка инфраструктура што го плаќа превозникот и од средства од Буџетот на Република Македонија, а согласно Годишната програма за финансирање во железничка инфраструктура и други сопствени извори. 

Железничката инфраструктура треба да обезбеди безбеден и сигурен начин на одвивање на патнички и товарен сообраќај, односно треба постојано да вложува средства во тековно и инвестиционо одржување на пругите, пружните и електро-техничките постројки со цел да постигне приближување кон квантитативното ниво на системот на европски железници. 

ЈП МЖ Инфраструктура Скопје со состојба на 7.10.2014 година по основ на платени обврски од страна на Република Македонија кон странски кредитори има обврска во износ од 29,9 милиони денари, а вкупните обврски ќе бидат утврдени заклучно до денот на влегување во сила на овој закон.

Во претресот учествуваше пратеникот Крсто Мукоски.

  • Комисијата едногласно заклучи дека сите три Предлог-закони се прифатливи и треба да се дадат на натамошно читање.
Click