Активности

Среда, 10 декември 2014 година

Дванаесетта седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на вчерашната Дванаесетта седница, како матично работно тело, во прво читање, ги разгледа: 

  1. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за контрола на извоз на стоки и технологии со двојна употреба;
  2. Предлог-законот за дополнување на Законот за угостителска дејност.

Потребата од донесување на Предлог-законите ја образложи заменик-министерот за економија, г. Христијан Делев.

- Во однос на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за контрола на извозот на стоки и технологии со двојна употреба, беше истакнато дека има за цел да се прошират надлежностите на Комисијата за извоз на стоки и технологии со двојна употреба. 

Имено, покрај другите работи што ги врши Комисијата, се предлага истата да ја следи и координира контролата на извозот, да ги разгледува сите документи по поднесени барања, при што ќе подготви записник за секој поединечен предмет и записникот со своето мислење ќе го достави до министерот, односно до Министерството за економија на понатамошно разгледување и издавање на дозволите за двојна употреба. 

Министерот за економија, врз основа на позитивното мислење од институциите од член 8 став (1) и (2) и позитивно мислење од Комисијата за извоз на стоки и технологии со двојна употреба, ќе издаде дозвола за извоз и дозвола за брокерски услуги на стоки и технологии со двојна употреба.

Во претресот учествувше претседателот на Комисијата за економски прашања, г. Љупчо Димовски, кој даде поддршка на Предлог-законот, притоа истакнувајќи дека сите овие измени се од суштинско значење и во голема мера го подобруваат Законот и неговото спроведување.

- По Предлогот на закон за дополнување на Законот за угостителска дејност, заменик-министерот за економија истакна дека согласно последните измени во Законот за угостителска дејност, Единиците на локалната самоуправа беа задолжени двапати годишно да доставуваат податоци до Министерството за економија за категоризирани објекти на физичките лица кои нудат услуги за сместување. 

Со предложените дополнувања на Законот ќе се овозможи категоризација на индивидуални сместувачки капацитети на начин што Министерството за економија ќе располага со податоци на државно ниво за сите категоризирани објекти на физички лица кои нудат услуги за сместување, за нивен понатамошен развој, промоција и афирмација. 

Овие податоци двапати годишно ќе бидат доставувани до Министерството за економија од страна на општините, кои согласно Законот имаат надлежност да ја спроведат постапката за категоризација на угостителските објекти на физичките лица. 

Со Предлог-законот воедно ќе се овозможи и спроведување постапка за издавање решенија за вршење угостителска дејност од страна на физичките лица, која постапка ќе ја спроведуваат Единиците на локалната самоуправа, согласно Законот, како и подзаконските акти кои е предвидено да ги донесе министерот за економија. 

Со предложените измени, на градоначалниците ќе им биде дозволено да го ажурираат списокот, односно да ги обврзат давателите на ваквите услуги да се регистрираат, а воедно и Единиците на локалната самоуправа да го контролираат целиот процес, а истовремено да имаат можност да извршат и нивна категоризација. 

Во претресот учествуваа членот на Комисијата за економски прашања Сашо Аќимоски и заменик-членот Ѓорѓи Коџабашиев, кои дадоа поддршка на Предлог-законот.

  • Врз основа на членот 142 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Комисијата за економски прашања едногласно заклучи дека двата Предлог-закони се прифатливи и треба да се дадат на натамошно читање.
Click