Активности

Четврток, 6 ноември 2014 година

Единаесетта седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на  11. Седница, одржана на 4 ноември 2014 година, како матично работно тело, ги разгледа:

  1. Предлог-законот за дополнување на Законот за приватизација на државниот капитал - II читање;
  2. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за угостителска дејност - II читање;
  3. Предлог-финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2015 година;
  4. Предлог-одлуката за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход на носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2015 година.

- Претседателот на Комисијата за економски прашања, г. Љупчо Димовски, ги извести пратениците дека во рокот утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, по Предлогот на закон за дополнување на Законот за приватизација на државниот капитал, не се поднесени амандмани од овластени предлагачи. Комисијата го проследи овој Предлог-закон на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

- Во расправата по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за угостителска дејност, по кој исто така не беа поднесени амандмани, учествуваа пратеникот г-ѓа Роза Топузова-Каревска и заменик-министерот за економија, г. Христијан Делев. Комисијата го проследи и овој Предлог-закон на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

- Образложение на Предлог-финансискиот план на Регулаторната Комисија за енергетика на Република Македонија за 2015 година даде претседателот на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, г. Димитар Петров, во својство на претставник на предлагачот.

Беше истакнато дека во Предлог-финансискиот план детално се презентирани планираните приходи и расходи на Регулаторната комисија за енергетика, врз основа на предвидените активности за 2015 година. 

Притоа, се предлага планираниот приход да се оствари со наплата на надоместок пресметан со процент на зафаќање во висина од 0,049% од вкупниот приход на носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности и истиот е понизок од 0,1% од вкупниот приход на друштвата утврден со член 34 став 3 од Закон за енергетика. 

Во Предлог-финансискиот план се опфатени сите плати и надоместоци, придонеси од плати и персонален данок на доход, патни трошоци и репрезентација, потрошена електрична енергија, комунални услуги и транспортни услуги, материјални трошоци и амортизација, договорни услуги, промотивно-информативни активности, набавка на основни средства, изградба на зградата „Јавна администрација - Лазар Поп Трајков“ и планираните приходи. 

Во однос на зајакнување на капацитетот на Регулаторната Комисија за енергетика, согласно Националната програма за усогласување со европското законодавство, во 2015 година планирани се две нови вработувања.

Во расправата учествуваа претседателот на Комисијата за економски прашања, г. Љупчо Димовски и заменик-членот на Комисијата, г. Зоран Илиоски. 

Врз основа на расправата, Комисијата едногласно го усвои следниот Заклучок:

1. Собранието на Република Македонија го разгледа и го усвои Финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2015 година;
2. Овој заклучок, заедно со извештајот на Комисијата за економски прашања, да се достави до Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија и до Владата на Република Македонија.

- Во своето образложение по Предлогот на Одлуката за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход на носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2015 година, г. Димитар Петров истакна дека процентот на зафаќање на лиценцираните компании за наредната година, утврден согласно Законот за енергетика, врз основа на податоците даден во Централниот регистер на Република Македонија, се предвидува да изнесува 0,049% и истиот е соодветен на предвидените расходи во 2015 година. 

Споредбено, во 2014 година кога процентот изнесуваше 0,043%, за 2015 година е предвидено истиот да биде зголемен на 0,049%. Основни и главни причини за зголемувањето се расходите за доизградба на зградата „Јавна администрација – Лазар Поп Трајков“, каде што Регулаторната комисија за енергетика учествува со 17,67%, како и предвидените вработувања за 2015 година.  

Во расправата по Предлог-одлуката учествуваа г. Љупчо Димовски и г. Зоран Илиоски. 

Претседателот на Комисијата за економски прашања, г. Љупчо Димовски, истакна дека Владата на Република Македонија, во однос на оваа Предлог-одлука има забелешка: точката 1 да се допрецизира во смисла дека станува збор за 0,049% од вкупниот приход остварен во 2014 година на носителите на лиценци за вршење на енергетески дејности според податоците од Централниот регистер на РМ. 

Комисијата за економски прашања едногласно ја усвои оваа забелешка, и истата треба да се внесе при објавување на Одлуката во „Службен весник на Република Македонија“. 

Врз основа на расправата, Комисијата за економски прашања едногласно заклучи да му предложи на Собранието на Република Македонија да ја разгледа и да ја донесе оваа Одлука. 

Click