Активности

Понеделник, 1 декември 2014 година, Рим

ЕУ ќе продолжи да работи на надминување на економската криза

На Конференцијата на комисиите за европски прашања на земјите-членки на ЕУ- КОСАК, што се одржува денеска и утре (1-2 декември 2014 година) во Рим, учествува заменикот на претседателот на Комисијата за европски прашања, г-ѓа Нора Алити.

На денешната расправа за улогата на италијанското претседателство со ЕУ, свое обраќање имаше г. Матео Ренци, претседател на Италијанскиот совет на министри. Осврнувајќи се на реализацијата на италијанските приоритети во пресрет на декемврискиот самит на Унијата, г. Ренци, истакна дека ЕУ ќе продолжи да работи на надминување на економската криза, но дека истовремено треба да се работи на зајакнување на демократскиот капацитет на Унијата за што особено е важна парламентарната димензија на евроинтегративниот процес.

Во таа насока укажа дека  само со демократизација на европските институции ќе се надмине сè повеќе зголемениот евроскептицизам, и дека Италија каде во 1957 година беа потпишани Римските договори за ЕУ ќе продолжи да работи за надминување на актуелните економски проблеми во Унијата, преку реализација на Програмата „Европа 2020“.

Во дебатата по оваа сесија, учествуваше и г-ѓа Нора Алити, која ја поздрави поддршката на италијанското претседателство со Унијата за продолжување на процесот на проширувањето на Европската унија и со земјите од Западен Балкан, при што укажа на потребата Република Македонија да добие датум за преговори во рамките на ова претседателство. Притоа, имајќи ги предвид сегашните констелации и потешкотии за разрешување на билатералниот спор што го имаме со Грција, побара да се примени веќе практикуван пример, кој се докажа како успешен, со што ќе ѝ се овозможи на Македонија, паралено да течат двата процеса, на надминување на проблемот со употребата на уставното име на земјата и на почеток на преговорите за ЕУ членство. 

Таа побара да се примени истиот пристап, кој се докажа како успешен, во случајот кога Хрватска и Словенија имаа билатерален спор, но се изнајде успешна формула да не ѝ се попречува евроинтегративниот процес на Хрватска, преку паралено решавање на билатералниот спор и отворање на поглавјата. Поради тоа, истакна дека нема причина, зашто овој пример не би можел да биде успешен и во нашиот случај. Алити истакна дека шестата препорака од страна на Европската комисија за почеток на преговори за ЕУ членство во земјата не се доживува како успех, и дека е време земјата да добие шанса и можност да го продолжи евроинтегративниот процес.

Во врска со дискусијата на г-ѓа Алити, г. Ренци одговори дека Италија целосно го поддржува интегрирањето на Западен Балкан во ЕУ и дека во наредниот петгодишен период ќе продолжи процесот на проширување на ЕУ со земјите-кандидати и аспиранти за ЕУ членство. Во врска со ова, појасни дека земјите треба да си ги сработат потребните реформи и задачи, бидејќи нивната европска перспектива е извесна. Притоа  истакна дека процесот на единство на ЕУ нема да биде комплетен без земјите од Западен Балкан.

На конференцијата стана збор и за „Улогата на европските институции - 5 години по Лисабонскиот договор“, како и за „Стратегијата Европа 2020: раст, вработување и конкурентност“.

Во текот на утрешниот ден, предвидено е да има расправа и за евроинтегративните перспективи на тема: Глобалната улога на Европската унија и проекцијата на нејзините политики на Медитеранот и во Источна Европа.

Click