Активности

Четврток, 9 октомври 2014 година

Ѓорчев во ОБСЕ: Македонија има право на својот идентитет

Парламентарното собрание на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ПС на ОБСЕ), ги одржува своите редовни Есенски состаноци октомври 2014 година во Женева, Швајцарија, на коишто учествуваа над 200 парламентарци од повеќе од 50 земји. 

На овие состаноци од Собранието на Република Македонија учествуваше г. Владимир Ѓорчев, член на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Организацијата за безбедност и соработка во Европа. 

Во рамките на Есенските состаноци беа одржани: седница на Медитеранскиот форум на Парламентарното собрание на ОБСЕ, седница на Постојаниот комитет на ПС на ОБСЕ и Парламентарната конференција во којашто се расправаше за Новите безбедносни предизвици: Улогата на Парламентите. 

На првата сесија се дебатираше за Политичката и воената димензија- Кризата во Украина во којашто учествуваа повеќе парламентарци. Во рамките на оваа дебата повеќето говорници нагласија дека конфликтот претставува закана за начелата на ОБСЕ и ги повикаа двете страни да се ангажираат за изнаоѓање на дипломатско решение.

Втората сесија беше посветена на Економската и еколошката димензија и дебатата беше фокусирана врз климатските промени и врските меѓу животната средина и технологијата.

Третата сесија беше посветена на Хуманата димензија и дебатата беше фокусирана врз врските меѓу стандардите на човековите права и општата безбедност.

Во рамките на дебатата, членот на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на ОБСЕ, г. Владимир Ѓорчев, меѓу другото истакна дека Република Македонија е земја која преку нејзиниот Црвен крст, а во соработка со Меѓународниот комитет на Црвениот крст, реализираат многубројни активности во доменот на хуманитарната димензија. 

Пратеникот Владимир Ѓорчев се осврна и на проблемот со името на нашата земја и наведе дека и покрај тоа што Република Македонија има потпишано Спогодба со Грција за ова прашање, а во која се нагласува дека Грција нема да го попречува нашето членство во меѓународните организации, таа тоа постојано го прави. Нагласи дека Република Македонија за ова прашање се обрати и до Меѓународниот суд во Хаг, по што се заклучи дека Грција нема право да го попречува нашето членство во овие организации. Констатираше дека ова претставува голем дискриминаторски чин на Грција кон Република Македонија и уште еднаш истакна дека името на нашата земја е Република Македонија. 

Овие искази на пратеникот Ѓорчев беа дочекани со голем аплауз од учесниците на Конференцијата. 

Click