Активности

Вторник, 21 јуни 2016 година, Брисел

Интерпарламентарна конференција на тема Миграцијата и политиката за азил на ЕУ

Во рамките на Програмата за поддршка на парламентите од земјите на Западен Балкан и Турција, во организација на Европскиот парламент, Комитетот за надворешни работи и Комитетот за граѓански слободи, правда и внатрешни работи на 20 и 21 јуни 2016 година во Брисел, Кралство Белгија, се одржува Интерпарламентарна конференција на тема „Миграцијата и политиката за азил на ЕУ: Импликации за парламентите од земјите на проширувањето". 

На семинарот учествува делегација од Собранието на Република Македонија од Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците во состав: г. Владимир Ѓорчев, претседател, г-ѓа Нада Ципушева, заменик-претседател, г. Рафиз Аљити, член и г. Петре Шилегов, заменик-член. 

Интерпарламентарната конференција ја отвори и поздравен говор упати г-ѓа Ска Келлер заменик-претседател на Комитетот за граѓански права,  правда и внатрешни работи.

На конференцијата свое обраќање имаше претседателот на комисијата, г. Владимир Ѓорчев, кој се осврна на предизвиците со кои се соочуваше Република Македонија во изминатиот период почнувајќи од бегалската криза од 1999 година, па сè до последната бегалска криза во 2015 година. Тој потсети на хуманиот и солидарен пристап на Република Македонија кон овие луѓе кои најчесто доаѓаат од држави зафатени со војни, но сè поголем е бројот и на луѓе кои тргнале кон Европа со надеж за подобар живот. Тој истакна дека тие претставуваат товар за македонската економија, бидејќи сега голем дел од македонскиот буџет е пренасочен кон потребите на македонската војска и полиција кои ја обезбедуваат границата, но и кон потребите на бегалците на кои им е неопходна помош.

Во рамките на програмата, предвидено е да се дебатира и да се отворат прашања во врска со:

  • Миграцијата и политиката за азил на ЕУ: Перспектива на Европската комисија;
  • Улогата на парламентите во справувањето со миграциската криза, холистички пристап кон миграциите, азилот и границите;
  • Улогата на парламентите кон моменталната криза со механизми на одговорност и солидарност;
  • Улогата на парламентите во обезбедување на брз одговор кон разрешување на состојбите со миграциите, азилот и управување со границите;
  • Миграционата криза: Состојбите на ЕУ границите со државите во процес на пристапување;
  • Зајакната парламентарна контрола врз извршната власт и зајакнувањето на оперативните капацитети;
  • Парламентите како креатори на јавната политика кои ги поврзуваат извршната власт и граѓанските организации;
  • Зајакнување на внатрепарламентарната соработка како и регионалната соработка помеѓу надлежните институции. 

На претстојниот Интерпарламентарен семинар учествуваат европратеници, претставници од парламентите на земјите на Западен Балкан и Република Турција, претставници од Европската комисија, експерти, со цел да ги споделат регионалните искуства и видувањата за идните предизвици во овој домен.

Click