Активности

Понеделник, 22 јуни 2015 година, Будва

Интерпарламентарна конференција на тема „На патот кон независен и современ судски ситем на земјите во процесот на пристапување кон Европската унија"

На Интерпарламентарната конференција на тема „На патот кон независен и современ судски ситем на земјите во процесот на пристапување кон Европската унија", што во организација на Европскиот парламент, а во соработка со Парламентот на Црна Гора, се одржа на 18 и 19 јуни 2015 година во Будва, Црна Гора, учествуваше собраниска делегација од Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, во состав: г. Владимир Ѓорчев, претседател на Комисијата, членовите г. Емил Димитриев и г. Рафиз Аљити, како и заменик-членот, г. Беким Фазлиу.

Конференцијата ја отворија г. Суљо Мустафиќ, потпретседател на Парламентот на Црна Гора и г-ѓа Мади Делвау, пратеник во Европскиот парламент, потпретседател на Комисијата за правни прашања. Во своите обраќања, тие го потенцираа владеењето на правото и независноста на судството како едни од основните критериуми за пристапување кон Европската унија. Ефикасен правен систем е значаен не само за ефикасно спроведување на законите во една држава, туку и предуслов за развој на економијата во една држава преку создавање на ефикасна деловна клима.

На конференцијата учествуваа претставници на Европскиот парламент, како и претставници на Парламентите на Црна гора, Хрватска, Албанија, Македонија, Босна и Херцеговина, Косово и Србија.

На конференцијата се дискутираше за владеењето на правото и независноста на судството, како основни критериуми за пристапување кон Европската унија; модернизација на правосудниот систем, вклучувајќи и е-правда; реформите во Хрватска пред нејзиното пристапување кон Европската унија, обезбедување на независност, квалитет и ефикасност на правосудниот систем во земјите пред пристапување кон Европската унија; соработка во правосудството: преминување од Хашките конвенции кон регулативите на Европската унија и регионалната соработка во правосудството; реформи во правосудниот систем на земјите од Западен Балкан и Турција: перспективи на земјите во процесот на пристапување.

Во точката посветена на „Реформи во правосудниот систем на земјите од Западен Балкан и Турција: перспективи на земјите во процесот на пристапување", свое излагање имаше г. Владимир Ѓорчев, претседател на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, при што ги потенцираше владеењето на правото и независното судство како основен темел на функционирањето на демократското општество, кој претставува еден од основните критериуми за интегрирање на Македонија во Европската унија. Развиен правен систем кој го карактеризираат независноста и ефикасноста, кој ќе ги гарантира правата и слободите на човекот и на другите правни субјекти, како и целосна правна сигурност, претставува заложба на Република Македонија.

Реформата на судството во функција на зголемувањето на неговата ефикасност и функционирањето на правото, е врвен приоритет на Владата на Република Македонија. Тоа ќе се постигне преку имплементација на реформите во судството кои се однесуваат на изборот на судиите, системот на кариера, следење и оценување на работата, како и разрешување и утврдување на дисциплинската одговорност врз основа на објективни и мерливи критериуми.

Во насока на зајакнување на независноста и ефикасноста на судството, г. Владимир Ѓорчев зборуваше за измените на законот за Законот за парнична постапка со кој се создадоа услови за зајакнување на правната сигурност, како и намалување на времетраењето на постапките и зголемување на ефикасноста на судовите.

Во овој контекст, а во насока на имплементација на меѓународните стандарди содржани во меѓународните инструменти, се осврна и на Законот за судовите, Законот за судски совет на Република Македонија, Законот засудски буџет и Законот за судска служба.

Пратеникот Ѓорчев потенцираше дека сите овие реформи се во насока на зголемување на ефикасноста на судството кои влијаат врз забрзување на судските постапки и намалување на заостатокот на предмети по судовите, а со тоа и до зголемување на правната сигурност на граѓаните и нивната доверба во судството.

Click