Активности

Четврток, 5 март 2015 година, Брисел

Интерпарламентарна конференција за политичкото учество на жените во земјите од Западен Балкан и Турција

На Интерпарламентарната конференција посветена на „Политичкото учество на жените во земјите од Западен Балкан и Турција", што во организација на Комисијата во Европскиот парламент за правата на жените и родовата еднаквост, се одржа вчера во Брисел, Кралството Белгија, учествуваше собраниска делегација во состав од  пратениците: г-ѓа Лилјана Поповска, претседател на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите; г-ѓа Лилјана Кузмановска, потпретседател на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите; г-ѓа Шпреса Хадри, член на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и г-ѓа Солза Грчева, член на Комисијата за европски прашања.

Конференцијата ја модерираа г-ѓа Улрике Луначек, потпретседател на Европскиот парламент за Западен Балкан и г-ѓа Гордана Чомиќ, потпретседател на Народното собрание на Република Србија, а ја отворија г. Димитрис Пападимулис, потпретседател на Европскиот парламент за родова еднаквост и разновидност и г-ѓа Ираџе Гарсиа Перез, претседател на Комисијата на Европскиот парламент за права на жените и родова еднаквост. 

Во своите обраќања, г. Папдимулис се осврна на важноста од обезбедување родова еднаквост, но и на реалната имплементација на домашната законска регулатива и на меѓународните документи, со што ќе се даде силно значење на прашањата поврзани за еднаквоста на жените и мажите. Повика земјите-членки на ЕУ и останатите европски земји да ја ратификуваат Конвенцијата за спречување насилство врз жените и борба против семејното насилство (Истанбулска конвенција), со што ќе се овозможи сериозна правна основа во севкупните општествени политики на заштита на правата на жените. Особено го истакна значењето на образованието на младите девојки и жени, но и улогата на медимуите и социјалните мрежи во промовирањето на овие вредности. 

На отворањето, свое пригодно обраќање на Конференцијата имаше г-ѓа Лилјана Поповска, претседател на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите. 

Таа потсети на почетоците на демократизација на општествата во ЈИЕ, поточно на Пактот за стабилност, кој како инструмент на ЕУ за помош на овие земји, во 2000 г. ја основаше Групата за родови прашања, која како регионална женска мрежа обедини 11 држави, меѓу кои и Република Македонија. Оваа Група се покажа како најдобрата инвестиција на Западот кон Истокот, бидејќи малку чинеше, но донесе извонредни резултати. Од скромното учество на жените во политиката од 3-9% на почетокот, со текот на времето, државите чекор по чекор достигнаа импресивен процент на учество на жените во политичкиот живот од 20-34%. Особено, зголемениот број на жени-пратенички доведе до повеќе дискусии за прасањата на образованието на жените, здравствената и социјалната политика, регулирање на семејното насислство, борба против стереотипите и предрасудите. 

Република Македонија, преку Македонското женско лоби, кое е полноправен  член на Европското женско лоби, ги обедини жените од различна политичка, верска и религиозна припадност, успеа три пати да го измени Изборниот законик, воведувајќи родови квоти, со што од скромните 6,6% во 2002 година, се достигна нивото на 34,2% жени во Парламентот.  

Госпоѓа Поповска особено ја истакна улогата на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, која преку континуирани јавни расправи посветува сериозно внимание на прашањата за правата на жените, за подобрување на нивниот статус во општеството, економско јакнење и промовирање на женското претприемништво, како и за голем број други иницијативи и проекти од оваа област. 

Во точката посветена на „Недоволната застапеност на жените на политички позиции: состојбата во земјите-кандидати", свое излагање имаше г-ѓа Лилјана Кузмановска, заменик-претседател на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, при што истакна дека еднаквите можности на жените и мажите во Република Македонија се загарантирани со Уставот и со голем број на закони кои забрануваат дискриминација врз основа на пол и содржат одредби со кои се инкорпорира родовиот концепт во домашната регулатива. 

Во контекст на економското јакнење на жените и намалување на сиромаштијата и високата стапка на невработеност на женската популација, значајни се одредбите кои се внесени во Законот за работни односи. Воведен е и принципот на забрана за дискриминација при вработување, забрана за директна и индиректна дискриминација на работното место, вознемирување и сексуално вознемирување.   

Со донесувањето на Стратегијата и Националниот план за родова еднаквост 2013-2020 уште еднаш се потврди посветеноста кон исполнувањето на обврските кон имплементирањето на ЦЕДАВ (CEDAW) конвенцијата на Обединетите нации, за што се обезбедени финансиски средства од Буџетот на Република Македонија. 

Исто така, Владата ја спроведува Програмата за самовработување и поконкретно целта е да се поддржат невработените лица во основање на сопствена фирма, формализирање на веќе постојна дејност и во создавање на дополнителни вработувања. Програмата за самовработување вклучува обука за претприемништво, помош при развивање одржлив бизнис план и регистрирање на дејност, неповратни грантови во форма на опрема и материјали и менторство во време на запознавање на бизнисот. 

Во рамките на ИПА компонентата 4, се спроведе проектот „Јакнење на капацитетите за интеграција на жените од руралните средини на пазарот на трудот, со посебен фокус на жените од етничките заедници. Целта на овој проект е да им се овозможи на маргинализираните жени, особено жените од етничките малцинства, да ги подобрат своите потенцијали за вработување на пазарот на трудот. 

Во дебатата, г-ѓа Солза Грчева, член на Комисијата за европски прашања, истакна дека треба повеке да се работи на охрабрување на жените да бидат градоначалници, со што ќе се подобри нивното политичко учество на локално ниво, бидејќи жените во своите активности многу повеќе внимание обрнуваат на реалните проблеми – здравствени, образовни, животната средина, отколку на национализам, историски традиции и сл. 

Анализите покажуваат дека кога станува збор за лидерство во политичките партии, реалноста е дека речиси нема лидер на политичка партија-жена (во Република Македонија има само една), бидејќи жената многу тешко доаѓа до реални извори на финасирање. Ова се процеси кои се карактеристични за сите земји од Западен Балкан и Турција, но и за многу други земји. Во иднина треба силно и посветено да се работи на што поголема визибилност на жената во сите сегменти на општествениот и економскиот живот.

Конференцијата претставуваше можност за размена на искуства на планот на прашањата за заштита на правата на жените, при што се покрена и поширока дебата за потребата од радикална промена на децениските стереотипи и предрасуди. 

Click