Активности

Петок, 7 февруари 2014 година

Јавна расправа на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на вчерашната Четириесет и петта седница, одржа јавна расправа по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини, по скратена постапка.

Образложение на Предлог-законот даде претставникот на предлагачот, заменик-министерот за економија, г. Христијан Делев.

При изработката на предложените измени и дополнување, најпрво биле опфатени проспекциските истражувања. Веќе неколку странски компании покажале интерес за проспекциско истражување на територијата на Република Македонија. Оваа проблематика досега не била опфатена и утврдена е голема потреба овој дел да биде регулиран.

Беше истакнато дека проспекциските истражувања се посебно битни во делот на енергетските суровини, посебно за истражување во делот на нафтата, гасот и јагленот.

Инаку, ова претставува многу скапа инвестиција и со донесувањето на законските решенија ќе се овозможи на меѓународните компании кои се заинтересирани, во една правна рамка да имаат можност да ја извршуваат дејноста во делот на геолошките истражувања.

Следната измена е во делот на искористувањето на термоминералните води, кои на територијата на Република Македонија не се искористени, односно делумно се користат.

Со оваа измена ќе се овозможи концесиите што се за термоминерални води да може делумно да се даваат и на други лица коишто ќе ги користат. Доколку се случи да има повеќе корисници, истото правно да биде регулирано.

Измени се направени и во делот на концесиите. Со предвидените измени ќе се заштити државниот интерес и концесиите ќе си ја добијат својата реална вредност. Од тие причини, во Законот за минерални суровини се опфаќа и проценката на бизнис потфатот, односно на вложените средства во таа концесија, како би се овозможило преносот да биде реален. 

Во претресот учествуваа: претседателот на  Комисијата за економски прашања, г-ѓа  Владанка Авировиќ; заменик-министерот за економија, г. Христијан Делев; г. Новица Столиќ, директор на Геолошкиот Завод на Република Македонија; г. Николајчо Николов, претседател на Македонската асоцијација за рударство и директор на рудниците Бучим од Радовиш; претставници на Македонската асоцијација за рударство, како и професорите на Рударскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип: г. Ристо Дамбов и г. Орце Стефковски.

Јавната расправа по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини, претставуваше добра можност за членовите на Комисијата за економски прашања, претставниците од Министерството за економија, стопанствениците, научните работници, експертите од областа на геологијата и рударството и слично, да ги искажат своите мислења, предлози, сугестии, забелешки и слично, сè со цел и во интерес на донесување на еден квалитетен Закон.

Click